Германските власти и нанесеа жестока и понижувачка шамарчина на македонската правда откако официјално го одбија барањето за екстрадиција на 21-годишната Викторија Зерзева, која во Македонија е правосилно осудена на пет години затвор за трагична сообраќајна несреќа во која згасна еден човечки живот!
Зерзева, која побегнала и престојувала во Германија, била лоцирана од тамошните безбедносни служби, уапсена и сместена во имиграциски притвор. Сепак, кога македонското Министерство за правда и Основниот суд Кавадарци побараа нејзино итно испорачување за издржување на затворската казна, Вишиот покраински суд во Германија донесе шокантна одлука: екстрадицијата е строго недозволена бидејќи условите во македонските затвори „Скопје“ и „Идризово“ се мизерни и не ги исполнуваат минималните стандарди утврдени со Европската конвенција за човекови права!
Младата Зерзева беше прогласена за виновна за застрашувачката сообраќајка што се случи на 5 ноември 2024 година кај селото Рибарци, во близина на Росоман. Тогаш, управувајќи го автомобилот „сеат“ со брзина несоодветна на условите на патот, преминала на спротивната коловозна лента и директно удрила во возило „опел“. Во крвавиот судир на лице место загина 40-годишниот Марјан Петровски од Велес, додека уште две лица се здобија со тешки телесни повреди.
Иако анализата покажа дека Зерзева немала алкохол или дрога во крвта, Кавадаречкиот суд ѝ изрече правосилна казна од пет години затвор и забрана за управување возило. Но, благодарение на катастрофалните и нехумани услови во македонскиот затворски систем, осудената девојка останува заштитена на германска територија, а семејството на загинатиот сè уште ја чека конечната правда!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата