Полицијата нема да ги признава дигиталната лична карта и возачка дозвола додека не се направат законски измени. Затоа граѓаните треба да си ги носат со себе и пластичните документи.
– Доколку денеска нѐ запре сообраќајна полиција не може да се идентификуваме со електронската лична карта бидејќи нема можност како да нѐ провери дали нашиот дигитален паричник е валиден – објасни министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на вчерашната промоција на мобилната апликација м.Услуги.
– Во моментот кога МВР ќе биде подготвено за тоа, ќе известиме, ќе ги промениме и подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на личната карта и на возачката. На пример, во други држави први почнале да ги прифаќаат банки, влегување во локали, купување на услуги од супер маркети – рече Андоновски.
Мобилната апликација м.Услуги е активна и е достапна за сите корисници на „Андроид“ и на ИОС-уредите. Достапни се три електронски услуги, и тоа електронска лична карта, електронска верзија на возачката дозвола, што се преземаат од базите на Министерството за внатрешни работи, како и обрасците М1, М2 и М4.
– Планот е да ги детектираме услугите на порталот uslugi.gov.mk, кои се најкористени и да ги префламе една по една на мобилната апликација. Во моментот ниедна апликација во Македонија нема можност за плаќање и на тоа работиме во периодот што следува. Се надевам дека ќе успееме. Штом успееме во тоа, ќе ги внесуваме апликациите што се со административна такса. Во моментот ќе внесуваме апликации што не бараат од вас да платите – рече Андоновски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата