Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, упати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на бегалците од македонското правосудство и бегството на Ивa Михајлова во соседна Бугарија, потенцирајќи дека државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врвните европски стандарди за владеење на правото.
„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото. Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнение и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, дециден беше Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија нагласи дека властите во Скопје нема да паднат во замката на дневната политичка манипулација, останувајќи на линијата на ставовите што претходно ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски.
„Ќе бидам внимателен затоа што, на линија на тоа што го кажа и претседателот на владата, Мицкоски, пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, којашто е поврзана и со претседателските избори коишто се во тек во таа држава“, рече Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата