Фатен е цариникот кој барал пари за незконска услуга но, интересни се деталите како е фатен и што притоа се случувало.
Помошник-директор во Царинската управа е осомничен дека примил 17.500 евра, а при полициската акција кај Желино се обидел да избега, удрил полициски службеник и службено возило и ја фрлил чантата со парите низ прозорецот од автомобилот.
Според Министерството за внатрешни работи, станува збор за Џ.И. (63) од Шипковица, Тетовско, кој бил лишен од слобода на 10 септември во близина на клучката Желино на автопатот Скопје-Тетово.
Од МВР информираат дека во периодот од април до септември годинава тој во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин кој потоа го пријавил случајот.
Од парите, 7.500 евра наводно биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според пријавата, целта била договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од раскинување.
Дополнително биле побарани уште 10.000 евра за користење реално влијание во друга постапка за јавна набавка што се наоѓала пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. МВР соопшти дека намерата била, доколку постапката биде вратена на повторно одлучување во Царината, да се влијае врз изменување на критериумите во техничката спецификација во корист на правно лице.
На 10 септември, на претходно договорена средба, осомничениот ги примил бараните 17.500 евра и со возило се упатил кон Тетово.
Кај клучката Желино полицијата се обидела да го запре, но тој продолжил да се движи и со возилото удрил полициски службеник и службено возило, по што се дал во бегство.
Додека бегал, преку прозорецот од совозачката страна исфрлил машка чанта во која се наоѓале парите. Набргу потоа полицијата го сопрела возилото и го лишила од слобода.
Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги поднела кривична пријава против Џ.И. за „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата