logo
logo
logo

Вечер Тема

Свадби во Македонија: МАКЕДОНЦИТЕ СО СРБИТЕ, АЛБАНКИТЕ ЗА СВОИТЕ... А што е со разводите?

Vecer | 08.09.2026

Свадби во Македонија: МАКЕДОНЦИТЕ СО СРБИТЕ, АЛБАНКИТЕ ЗА СВОИТЕ... А што е со разводите?

Во Македонија, бројот на етнички мешани бракови претставува релативно мал процент од вкупниот број склучени бракови во текот на една година (обично од 6 до 10%) според Државниот завод за статистика (ДЗС).

Најголемиот дел од браковите во земјата се склучуваат во рамките на истата етничка заедница, покажуваат официјалните податоци на ДЗС, односно порталот МакСтат..

Во 2025-та година се склучени 10.507 бракови во државава. А да видиме кој кого избрал.

Македонец се женел со Македонка во 2.623 склучени бракови. Потоа, следат 29 бракови кога Македонец се жени со Србинка. Македонци избрале за брак 24 Албанки за свои невести, а само во 4 случаи младоженецот е Македонец а невестата Турчинка, ист број и кога Македонецот за невеста имал Ромка. Лани само еден брак е склучен помеѓу Македонец и невеста Влаинка.

Соодност и бројките на етничката припадност треба да се гледа и во контекст на процентот на етничко малцинство кое, во случајов, се појавува како невеста, а во следниот пример како избран младоженец. Колку е помало малцинството толку е помала и шансата за Македонец да има избор од таа помала етничка средина.

Според пописот од 2021 во Македонија живеат 58,44% Македонци, 24.3% Албанци, 3.86% Турци, 2.53% Роми, 1,30% Срби, 0,87% Бошњаци, 0.47% Власи. Од нив, 50.4% се жени, а 49.6% мажи.

Од наведениите податоци произлегува дека Македонците, од другите етнички заедници, најмногу избрираат Србинки за невеста, и тоа иако во државава Срби има само 1,30%. 

Релацијата кога младоженецот е Македонец а невестата Албанка бара подетално објаснување бидејќи сега помалку (околу 20тина случаи годишно) а порано повеќе (и до 50 случаи годишно) во Македонија се склучуваат договорени бракови помеѓу Македонци и девојки/жени од Албанија. 

Кога ќе се погледне другата страна на браковите по етничка припадност, односно која невеста  каков младоженец избрала за себе, разликите се видливи, особено помеѓу Македонките со Албанците и Турците. 

Логично, на претходните податоци за ергените, зетови Македонци и невестите Македонки бројката е иста: во 2025-та 2.623 бракови се склучени токму меѓу нив.

Македонка избрала за сопруг и склучила брак таа година со Србин во 16 случаи. Со 36 Албанци за сопруг се решиле Македониките во 2025-та година. Македонките во 19 случаи за сопруг избрале Турчин, во само еден случај зетот бил Ром, а во 2025-та нема ниту еден брак помеѓу Македонка и Влав. Македонките имаат повеќе мешани бракови од Македонците.

А како е кај некои од помалите етнички заедници. Прично конзервативно, и со мал број мешања на брачните партнери и по етничка и по верска линија, според податоците на МакСтат.

Кај Албанците: Албанците за брак избрале Македонка во 38 случаи. Во 7 случаи невестата била Турчинка исто колку и 7 Бошњачки, а во 4 случаи Албанецот склучил брак со Србинка, во 3 со невеста која е Ромка. Во 2025-та нема брак помеѓу Албанец и Влаинка.

Албанец со Албанка склучи 2.301 брак таа година. Иако Македонците се дупло повеќе од Албанците во државава имаат, приближно, сличен број на склучени бракови во 2025 година што покажува дека кај Македонците е значително помала подготвеноста за брак и семејство отколку кај Албанците.

Ако Албанците се женеле во 2025-та со 69 невести од друга етничка заедница, многу по конзеервативно и со избор од “својот двор“ постапувале Албанките. Различно од Македонките.

Албанките за сопрузи избрале само 36 младоженци од друга етничка заедница, и речиси сите младоженци се Албанци. Значи, во 2.301 случај Албанката одбрала Албанец за сопруг. Во 24 случаи сопругот бил Македонец, 9 Турци им биле младоженци, се мажеле за двајца Бошњаци и за еден Ром но, ниту една Албанка лани не склучила брак со Србин или Влав.

Кај Србите има неочекуван феномен.

Во 2025-та Србин за Србинка, во Македонија, склучил само 1 (еден) брак! Но, затоа, Србинот 16 пати лани бирал Македонка за невеста. Ниеден Србин лани не се женел со Албанка, Турчинка, Ромка ниту Бошњачка или Влаинка. Од 18 склучени бракови во 2025-та Србите младоженци ги имаат тие 16 со Македонка, еден со Србинка и еден брак со невеста од непознато етничко потекло.

Со Србинките е поинаку, тие примениле поширок избор и повеќе бракови. Аналогно на претходното, само една Србинка од Македонија избрала Србин за сопруг. Но, Србинките избрале 29 Македонци за сопруг, и во 4 случаи сопругот бил Албанец. Ниту еден Турчин, Ром, Бошњак или Влав не бил младоженец а Србинка невеста во 2025 година, според официјалните податоци на МакСтат. 

Власите лани решиле ниту еден Влав да не се жени со Влаинка. Според наведениот извор, ниту еден Влав и Влаинка во 2025 не склучи брак. 

Бракови, особено кај Македонците, Србите и Власите има се помалку, но разводи има се повеќе.

Лани се разведени 1.036 бракови помеѓу Македонец и Македонка, блиску до половина во однос на ново склучените бракови (2.623). Разведени се и 14 бракови помеѓу Македонец и Србинка што е за малку помалку од половина (29) склучени бракови помеѓу Македонец и Србинка. Разведени се 10 бракови помеѓу Македонец и Албанка, а склучени нови 24.

Заклучок од анализите за период од пет години е дека бројот на нови бракови драстично опаѓа. 

Во 2020-та имало 4.701 брак склучен брак помеѓу Македонец и Македонка, во 2025-та само 2.613.  

Во 2020-та имало 981 разведен брак помеѓу Македонец и Македонка, во 2025-та ги има 1.036.  

Сличен пад на склучени бракови и раст на разводи се и во другите брачни комбинации Македонец/Македонка со брачен другар од друга етничка заедница.

Албанец со Албанка во 2020-та склучил 3.829 бракови, и таа година имале само 260 разводи. Во 2025-та имале склучено 2.301 брак и имале 341 развод на бракот. 

Мешаните бракови најчесто се случуваат меѓу етнички заедници кои споделуваат иста религиска припадност или слични културни врски. На пример, постојат поредовни регистрирани случаи на бракови меѓу Македонци и Срби или Власи, а кај Албанците меѓи нив и Турци и Роми.

Во тој контекст на мешаните бракови треба да се гледа и податокот дека на пописот повеќе луѓе се изјасниле дека македонскиот им е мајчин јазик (61.38%) отколку што себе се сметаат за Македонци (58,44%) што е последица на асимилација низ мешаните бракови кога Србите и Власите во мешаните бракови со Македонците за свој мајчин јазик го прифаќаат македонскиот јазик. Само половина од лицата кои се изјасниле како Срби го сметаат српскиот јазик како свој мајчин јазик (0,61%), другата половина за свој мајчин јазик го смета - македонскиот. Слично е и со Власите.

Кај Албанците, на попис, е речиси ист бројот на лица кои себе се сметаат за Албанци (24,3%) и кои се изјасниле дека албанскиот е нивен мајчин јазик (24,34%). Ова покажува дека нема асимилација на Албанците ниту Турците кон македонскиот јазик и култура без оглед на мешаните бракови. Слична е состојбата и со Турците кои на попис ги има 3,86%, а за свој мајчин јазик го сметаат 3,41%.

Етнички и верски мешаните бракови имаат потенцијал за унапредување на социјалната и лична култура но, на Балканот на кој војните не завршуваат туку се разделени само со долги примирја, мешанит бракови низ блиското минато имале сериозни трауми од таа традиција. 

Радио Слободна Европа, под наслов “Балканот бега од мешани бракови, “само нека е наш“... објави:

“Во 2018 година (23 години по војната), агенцијата Прајм Комуникејшн објави анкета за ставовите на граѓаните на БиХ за мешаните бракови. Според таа анкета, вкупно 38,7 проценти од граѓаните се против овој вид брак. 55 проценти од Србите, 43 проценти од Хрватите, 33 проценти од Бошњаците и 12 проценти од оние кои се идентификуваат како Босанци се против тоа.“

ДПЛ

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk