Страшно врсничко насилство и сексуално малтретирање во основното училиште „Татомир Анѓелиќ“ во српското село Мрчајевци го потресе целиот регион. Инцидентот се случил на крајот од минатата учебна година во јуни, кога група ученици сексуално нападнале и силувале свој соученик од седмо одделение во кабинетот по техничко образование. Случајот дури сега ја бранува јавноста откако родителите излегоа со потресни сведоштва за институционалниот молк и обидите случајот да се заташка.
Додека неговите соученици го користеа летниот распуст за одмор, жртвата ги помина сите месеци по болници, психолози и психијатри.
„38 ноќи не спиевме поради него. Другите деца беа на распуст, а тој беше во болница, на психијатар, на психолог и така му помина распустот. Веруваме дека правдата ќе излезе на виделина“, споделува низ солзи Ана Марковиќ, мајката на нападнатото момче.
„Го силуваа, па го пуштија сам да пешачи 10 километри“
Сведоштвото на таткото открива скандалозен однос на училишните служби. По монструозниот чин, повреденото и трауматизирано дете било оставено само да пешачи десетина километри до својот дом. Училиштето воопшто не ги известило родителите истиот ден, туку реагирало дури откако мајката сама се јавила да праша што се случило.
Дополнителен револт кај семејството предизвика и првичната реакција на обвинителството, кое во соопштение од средината на јуни го ублажи силувањето, дефинирајќи го настанот како „непримерно однесување“ и „само“ сексуално вознемирување.
Бунт на родителите: Собирани потписи и барање за исфрлање на насилниците
Револтирани од обидите за прикривање на случајот, над илјада родители организираа протести и поднесоа петиција со барање насилниците веднаш да бидат преместени во друго училиште, откривајќи притоа дека грозоморниот чин бил и сниман со телефон.
По огромниот притисок врз управата, донесена е одлука жртвата да се врати на редовна настава, додека за напаѓачите е одредено привремено следење на наставата од дома. Експертите од регионот предупредуваат дека во овој случај има сериозни пропусти во протоколите и инсистираат дека институциите мора драстично да ги казнат сторителите и да понудат соодветна заштита за жртвата.
Се огласи и директорката на училиштето која негира дека пробале да скријат нешто:
„Не можам да прифатам, пред институциите да ја завршат својата работа, да се создава слика дека училиштето не реагирало или нешто пробало да прикрие“.
Родителите на другите ученици почнале да реагираат уште пред јавното обраќање на родителите на жртвата, а на 11-ти август се собраа и на протест.
Токму тогаш ги собрале потписите за петицијата со која бараат одговорност од насилниците.
„Родителите не би сакале учениците кои учествувале во насилството да продолжат да одат во истото училиште и бараме да бидат преместени во друго“, сподели тогаш едниот од родителите.
Тогаш тие открија дека силувањето било и снимано, но видеото потоа било избришано.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата