Повеќевековниот симбол и заштитен знак на Штип, тврдината Исар, конечно ќе биде целосно реставрирана и конзервирана во рок од 18 месеци, претворајќи се во модерна атракција од ранг на Самоиловите тврдини во Охрид и Скопското Кале.
Проектот вреден 1,5 милиони евра, кој се реализира со средства обезбедени од Владата преку заемот од Унгарија, влегува во својата прва фаза. На терен веќе е пробиен помошниот пат за пренос на градежните материјали, а компанијата изведувач „Стентон градба“, во соработка со Музејот на град Штип, врши селекција на соодветен камен за да се запази автентичноста на вековната градба.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека ова е капитален зафат за културата и туризмот со кој Исарот комплетно ќе заблеска. Градежниот план предвидува комплетна конзервација, изградба на три нови видиковци, уредување на Акрополот и целосно ново осветлување, со што граѓаните и туристите ќе добијат единствена можност да уживаат во погледот врз целиот град и реките Брегалница и Отиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата