logo
logo
logo

Русјаков има решение за дата центрите, сексуалната револуција и вештчката интелигенција

Решение за дата центрите, сксуалната револуција и вештчката интелигенција

Vecer | 12.09.2026

Русјаков има решение за дата центрите, сексуалната револуција и вештчката интелигенција

Нервоза и напнатост. Рајата одново закрвена. Тема – прославата на независност, сумата од пет милиони евра, која е потрошена.

Секој има да каже како попаметно можеа да се потрошат парите. Јавноста е на бојно поле и добро се чувствува. И јас доаѓам. Вооружен со свој став на темата. Имам подобра идеја од сите што досега ја изложија својата – со потрошените пет милиони евра за цел месец аздисување, можевме да кренеме мал дата-центар. Во Центар. На кеј, покрај Вардар. Дата-центарот ќе ја испие реката и ќе имаме детален увид на сè она што плива низ неа – вреќи ѓубре, машини за перење, кујнски елементи, материјализирани кошмари, исфрлени фрустрации – ама така полесно ќе го исчистиме тоа царство на неодговорност и стекната лошотија.

Потоа дата-центарот ќе го преместиме на Треска, додека не ги исчистиме сите реки и извори блиски на фантазијата. И конечно, крај чистите реки нордистански ќе садиме патлиџани, краставици, крави и лозја – сè што треба за шопска салата и лута ракија – па на раат, седнати крај бистри води ќе бистриме политика со помош на вештачка интелигенција, која во животот ни ја донесе удобноста на немислењето.

А удобноста носи задоволства, како секс, на пример – најпосакуваната, најконсумираната, најозборуваната, а богами и медиумски, политички и маркетиншки најпокриената меѓутелесна комуникација, која може, ама и не мора да создаде братчиња, сестрички, братчиња што ќе откријат дека се сестрички и сестрички што преку ден сакаат да бидат братчиња, а во ноќта се чувствуваат како темјанушки, кои се борат да излезат од саксија и слободни како верверички да трчаат по гранките на дрвјата, ама за ова да се разбере, сите мора сексуално да се образуваат, иако кога јас бев копиљ, во СФРЈ, учителки ни беа Линда, Деби и Тифани, учевме во училниците на ОУ „Кино Карпош“ додека не се појавија видеотеки, па се префрливме дома, нешто налик на онлајн настава, кога родителите беа на работа – а сега, кога сè е на дофат од прстот што клика и скрола, истражувањата покажуваат – глупи ни се децата, не учат со разбирање, од ВИ бараат, за проблеми и задачи – решенија, па така лесно стануваат полтрони склони на корупција, оти сами не умеат да решат ниту еден проблем бидејќи не го ни разбираат.

Патем, од родителите ништо не очекувајте, немаат они време, не знаат што попрво да фатат – дали да бркаат кариера, швалерки, нерешено со хендикеп, како да се пронајдат себе, да се остварат себе, да бидат најдобрата своја верзија, дали да трчаат по успех, на трака, за партија, дали да фаќаат врски, тен за на селфи или сеир на комшијата, па уште да ги запишуваат децата на сто курсеви како решение за фрустрациите на сопствените неостварени соништа и на крајот на денот, да имаат малку приватен живот – на социјалните мрежи.

Чаре? Компромис.

Не воведуваме сексуално образование како посебен предмет, ама го пикаме сексот секаде – запознавање на природата, сексот и општеството, географија и ерогени зони, политички систем и сексуални малцинства, основи на сексуална техника и производство на популација, математика и геометрија на потенција, македонски јазик и граматика на либидото, историја и сексуална ориентација.

И без технолошки помагала, чиста пракса како Монти Пајтон во „Смислата на животот“, додека копиљот не сфати со разбирање дека – одиме со ред – не ја силувај природата, дел си од општеството, воајеризмот е девијација – Сасекс е географски округ во Англија, булингот е настраност, преку него не се стигнува до ниту една ерогена зона на возбудата – човекот е политичко животно, а системот си ти, ама не му прави содомија – ако не сакаш да произведуваш популација, научи едноставна сексуална техника: соблечи облека, облечи презерватив – еден плус еден се два, три е веќе оргија – зборувај македонски јазик, на жена уста се затвора само со бакнежот на љубовта – историјата се базира на факти, ако наместо да ја откриваш љубовта, повеќе сакаш да го сјебеш паркот, факт е дека си изопачен.

Русјаков, пак се заебаваш со сите?

Скраја да е, само нудам квалитетни компромисни решенија за сите да бидат задоволни. Ете, во минатата колумна дадов идеја, ЕУ да го вдоми езерото Онтарио во својата рајска градина, оти Трамп насилно сака да го прекрсти во Америка како да е тоа Македонија, а веќе денес читам дека тргнале преговори меѓу Брисел и Отава за заеднички просперитет во иднина. Значи паметни луѓе ме заследиле и ги прифаќаат моите сериозни геополитички решенија, ама вие, држете се за домашни теми, оти отаде нордистанската граница, светот толку се изблесави што крајот не му се пофаќа. Британско-израелски судир, уште тоа ни фалеше, оди сега снајди се, која страна да се избере.

Обединетото Кралство го замава Израилот со санкции за сенешто, на што израелскиот министер за национална безбедност побара од Биби, Тел Авив веднаш да ги признае Малвинските (Фокландски) Острови за аргентинска територија сеедно што се тие британска колонија. Мајко мила, Империјата и Сион си префрлаат едни на други кој повеќе окупира туѓа територија, како што нашиве соседи изградени преку разграбување на македонската приказна, ја обвинуваат Македонија за крадење историја.

Ама без паника! Јас сум тука. Иако конфликтот меѓу Лондон и Тел Авив експлодира гласно и толку многу го шокираше светот што дури и нордистанските експерти за сенешто останаа подзинати и сè уште не се произнеле на темата која страна треба да се фати, не значи дека нема компромисно решение за овој навидум нерешлив проблем. За почеток – размена запад за север. Западниот Брег да помине под јурисдикција на Велика Британија, а Израел административно да ја завладее Северна Ирска. На овој начин, две држави ќе граничат меѓу себе на две сосема различни точки на планетата и така ќе можат да работат на зајакнување на добрососедските односи.

Но ова е само делумно решение на проблемот – остануваат оние фамозни острови, ама јас веднаш вадам компромис од ракав како најдобра можна солуција – Малвинските Острови да се вратат под суверенитетот на Аргентина, а Фокландските да останат во сопственост на Обединетото Кралство и потоа – Малвин станува аргентински дел зачленет во Европската Унија, додека Фокланд, налик на Порторико, влегува како слободна британска територија во САД. Сето ова, толку многу административно ќе ги измеша лончињата што сите страни во конфликтот ќе мора да прогласат бирократски мир, кој сигурно ќе трае многу долго, оти – оди па разбери се со бирократија, која секако е гранка на сексологијата – секогаш сака да те онади во здрав разум, кој, за среќа, сè помалку ќе го има за сметка на… не мора сè да ви откривам – мислете малку сами, со своја вештачка интелигенција.

Александар Русјаков

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk