Европската комисија: МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР Е СТАБИЛЕН, ОТПОРЕН И ДОБРО КАПИТАЛИЗИРАН

Vecer | 05.11.2026

Европската комисија: МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР Е СТАБИЛЕН, ОТПОРЕН И ДОБРО КАПИТАЛИЗИРАН

Банкарскиот сектор во Македонија е отпорен, со солидна капитализираност, квалитетно кредитно портфолио и добра профитабилност, оценува Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата за 2026 година. Во документот се констатира и напредок во активностите на Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност и усогласување со европските стандарди.

Европската комисија посочува дека Народната банка останува посветена на одржувањето на ценовната стабилност, истовремено преземајќи мерки за зајакнување на банкарскиот надзор и ограничување на финансиските ризици.

Во извештајот се нотираат активностите за подобро управување со ликвидноста, унапредување на монетарните инструменти и следење на климатските ризици. Сепак, Европската комисија препорачува дополнително зајакнување на финансиската независност на Народната банка, во согласност со европската регулатива.

Посебно внимание е посветено на забрзаниот раст на станбените кредити, кредитирањето на градежниот сектор и зголемувањето на цените на недвижностите. Како одговор на овие движења, Народната банка вовела построги мерки за кредитирањето, направила промени во задолжителната резерва и ја зголемила стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот.

Целта на овие мерки е да се ограничат потенцијалните ризици и да се зачува стабилноста на домашниот банкарски систем.

Европската комисија констатира напредок и во усогласувањето на банкарската регулатива со европските правила. Законот за решавање банки, кој стапи во сила во јуни 2026 година, е оценет како значаен чекор напред. Во јули беше усвоена и нова методологија за управување со ризикот од каматните стапки во банкарското портфолио.

Позитивни оценки има и за напредокот во платниот систем. Македонија е оперативно подготвена за учество во СЕПА-шемите од октомври 2025 година, додека во јули годинава Народната банка потпиша договор со Европскиот совет за плаќања за пристапување кон шемата за инстант кредитни трансфери.

Според оценките наведени во извештајот, домашниот банкарски сектор продолжува да покажува отпорност, а преземените мерки придонесуваат за зајакнување на финансиската стабилност.

Од Народната банка најавуваат продолжување на активностите за одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и понатамошно усогласување на домашната регулатива со европските стандарди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk