ЗАПОЧНА ИСПЛАТАТА НА ПАРИТЕ НА КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“ – пензионерите ќе можат да подигнат до 20.000 денари

Vecer | 05.11.2026

ЗАПОЧНА ИСПЛАТАТА НА ПАРИТЕ НА КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“ – пензионерите ќе можат да подигнат до 20.000 денари

Започна исплатата на средствата на граѓаните кои имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежни картички. Приоритет при исплатата имаат пензионерите и примателите на социјална помош, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

На средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов, гувернерот посочил дека исплатата се одвива непречено.

За денеска преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, но на шалтерите се услужуваат и оние кои не оставиле телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата.

Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можат да повлечат до 20.000 денари, што претставува максимално дозволен износ за период од две недели.

Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка работи на обезбедување услови за исплата на средствата и преку шалтери во други градови, со цел да им се олесни пристапот на пензионерите и примателите на социјална помош до нивните пари.

„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“ АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакна Славески.

Од Народната банка уверуваат дека се преземаат активности за надминување на состојбата и постепено олеснување на пристапот до средствата на граѓаните и компаниите.

На средбата, гувернерот Славески, директорот на ПИОМ, Мемов, и претседателката на Сојузот на пензионерите, Трајкова, порачаа дека исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош останува приоритет.

Воедно, најавено е дека се бараат решенија за постепено враќање и на останатите банкарски услуги во најкус можен рок.

Од Народната банка нагласуваат дека привремените ограничувања се воведени за заштита на стабилноста на банката и интересите на нејзините клиенти, додека паралелно се работи на решенија за безбедно и постепено нормализирање на работењето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk