Македонија годинава добила подобра оценка од Европската комисија во споредба со минатогодишниот извештај, без ниту една констатација за назадување, порача премиерот Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на годишната оценка за напредокот на земјата во европските интеграции.
Според Мицкоски, Европската комисија констатирала значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, поради што Македонија е меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на Европскиот инструмент за реформи и раст. Тој посочи дека во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство – во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата.
Премиерот информираше дека до јуни годинава Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда. Во извештајот, како што наведе, е забележан и економски раст од 3,5 отсто во 2025 година, додека невработеноста се намалила од 12,5 на 11,7 отсто. Тој додаде дека подоцнежните процени на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд се повисоки, а растот за 2024 и 2025 година бил ревидиран од 3 на 3,8, односно од 3,5 на 3,8 отсто.
Мицкоски ги истакна и оценките за напредок во дигиталната трансформација, науката, истражувањето, образованието, како и во надворешната и безбедносната политика. До јуни, 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско архивирање и управување со документи, додека Националниот портал до крајот на август опфаќал 338 електронски услуги.
Во образованието, како значаен чекор ја посочи новата Стратегија за периодот 2026–2032 година, како и развојот на стручното образование и воспоставувањето осум регионални центри, од кои три веќе се оперативни.
Осврнувајќи се на правосудството, премиерот рече дека Европската комисија оценила оти новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги опфаќа препораките на Венецијанската комисија. Тој направи споредба со минатата година, кога во поглавјето 23 не бил забележан напредок, додека годинава е констатиран ограничен напредок, а оценката за функционирањето на судството е подобрена.
Мицкоски нагласи дека извештајот содржи и забелешки кои Владата ги сфаќа сериозно, но дека одговорноста за реформите ја имаат сите надлежни институции. Тој порача дека остануваат отворени и прашањето за уставните измени и политичките услови за продолжување на евроинтегративниот процес.
Според премиерот, Македонија нема недостиг од реформи, туку се соочува со преостанати политички услови. Тој повтори дека европските интеграции остануваат стратешка определба на државата и повика на доследно вреднување на постигнатите резултати.
Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи со реформите, јакнењето на институциите, борбата против корупцијата и усогласувањето на законодавството со европските стандарди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата