Народната банка ги демантира наводите во јавноста за трансфер на поголеми износи на пари преку „АЛТА банка“ АД Битола во или кон Србија и Русија. Според официјалните податоци, вакви трансакции не се забележани во текот на 2025 година, ниту во периодот од почетокот на 2026 година до крајот на октомври.
Од Народната банка информираат дека по детална анализа на податоците е утврдено дека трансакциите на клиентите на банката со Србија се во незначителни износи во однос на вкупниот обем на платниот промет и редовното работење на банката.
„Во 2025 година и заклучно со октомври 2026 година, приливите од Србија изнесуваат 2,2 милиона евра и 6,2 милиона евра, соодветно, додека одливите изнесуваат 5,3 милиони евра и 7,2 милиона евра. Овие трансакции се поврзани со редовното работење на клиентите на банката“, соопшти Народната банка.
Според овие податоци, вкупните приливи од Србија во двата периода изнесуваат 8,4 милиони евра, додека одливите кон оваа земја достигнуваат 12,5 милиони евра.
Што се однесува до Русија, Народната банка информира дека во анализираниот период воопшто не се евидентирани приливи или одливи на средства.
„Во истиот период, приливите од и одливите кон Русија не се евидентирани во платниот промет и билансот на Банката“, се наведува во соопштението.
Од Народната банка нагласуваат дека анализираните податоци не ги потврдуваат наводите за трансфер на поголеми износи на средства во или кон Србија и Русија преку „АЛТА банка“ АД Битола.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата