Министерството за внатрешни работи соопшти дека базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција за потребите на македонската полиција. Објектот, кој повеќе од една и пол деценија беше надвор од употреба, е обновен за вкупно 5,7 милиони денари (над 90.000 евра).
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија и го обиколи базенот, во кој веќе се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Министерството потсетува дека базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Токму во овој објект во 1977 година се снимале сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од големиот спортски подвиг на Атина Бојаџи – препливувањето на каналот Ламанш меѓу Франција и Велика Британија.
Според МВР, повторното ставање во функција на базенот е дел од пошироките инвестиции во модернизацијата на македонската полиција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата