Тетово има намера да добие нова општинска зграда, а за тој план е со цена од 28 милиони евра! Цената е висока и останува јавноста допрва да види што ќе се добие за тие пари.
Изградбата на административно-комерцијален објект за потребите на Општина Тетово на местото на постојната противпожарна станица денес беше дадена и на јавна расправа и повторно предизвика жестока расправа меѓу опозицијата и градоначалникот Билал Касами, како што се случи и на последната седница од Советот на Општина Тетово кога на дневен ред беше оваа точка.
Дел од присутните граѓани дадоа конкретни забелешки на физибилити студијата презентирана од градоначалникот Касами.
Идејата на Општината е на местото каде сега се наоѓа против Пожарната станица да се изгради голем административен објект во кој ќе бидат сместени повеќето служби и јавни претпријатија од Општината кои сега работат на повеќе различни објекти. На местото каде е сега Противпожарната единица, во состав на објектот да се изгради нов и современ објект за тетовската Пожарна. Изградбата на целиот комплекс би требало да изнесува 28,5 милиони евра.
За опозицијата, но и за дел од граѓаните спорен е начинот на кој ќе се финансира изградбата. Градоначалникот Касами вели дека изградбата преку јавно-приватно партнерство била најдобрата варијанта за Општината при што, на почетокот Општината ќе поседува 15% од објектот, а останатите 45% ќе ги отплатува на период од 4 до 8 години, во зависност колкав период на отплата ќе успее да договори со изведувачот. Останатите 40% ќе бидат на изведувачот кој ќе го гради објектот.
Во јавната дебата беше кажано дека физибилити студијата што е подготвена е направена без идеен проект, како и тоа дека дел од земјиштето на кое се предвидува да се гради објектот е во процес на приватизација. Посебно беше посочено дека според физибилити студијата само за рушење на постојниот објект, каде сега е Пожарната, биле предвидени 350.000 евра, што според еден од учесниците на јавната дебата, е енормно висока сума за оваа активност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата