Три нови производни капацитети би можеле да бидат најавени во декември, а со нивното достигнување на полн капацитет се очекува отворање на повеќе од 1.000 работни места, најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Германија.
Тој разговарал со германски компании за нови инвестиции, меѓу кои и со „Гересхајмер“, која планира проширување на своето производство во Македонија.
– Исто така, сакам да најавам, доколку биде сѐ како што треба, во декември три нови производни капацитети, коишто кога ќе го достигнат својот врв на инвестицијата и полн капацитет, ќе отворат повеќе од 1.000, што е уште поважно, добро платени работни места – изјави Мицкоски.
Германската компанија „Гересхајмер“ досега реализирала 2 инвестиции во Македонија, вредни околу 120 милиони евра, и вработува приближно 300 лица. Според премиерот, компанијата планира нова инвестиција на површина од 100.000 квадратни метри, со која бројот на вработени би се зголемил на околу 500, а прометот на компанијата во Македонија би се зголемил тројно.

Во Диселдорф, Мицкоски се сретнал и со премиерот на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст. Тој истакнал дека Македонија е единствената од 6-те земји на Западен Балкан што има потпишано договор за ваков вид билатерална и економска соработка со покраината.
– Она што можам да го кажам за Северна Рајна-Вестфалија е фактот дека е отприлика 10 пати поголема од Македонија, има околу 18 милиони жители и е вистински економски гигант – рече премиерот.

Според податоците што ги изнесе Мицкоски, номиналниот БДП на покраината во 2025 година надминал 900 милијарди евра, односно бил околу 50 пати поголем од македонскиот. БДП по жител изнесува околу 50.000 евра, наспроти приближно 10.000 евра во Македонија.
– Можностите за соработка се големи – нагласи Мицкоски, кој го поканил Вуст да ја посети Македонија по покраинските избори, кои се очекуваат во април следната година, за да разговараат за продлабочување на економските односи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата