logo
logo
logo

Израелските лекари направија чудо во Скопје - САМО ЗА 24 ЧАСА ИЗВРШИЛЕ 23 ТЕШКИ ОПЕРАЦИИ

Vecer | 21.03.2025

Израелските лекари направија чудо во Скопје - САМО ЗА 24 ЧАСА ИЗВРШИЛЕ 23 ТЕШКИ ОПЕРАЦИИ

Медицинскиот тим од Израел се покажа како еден од највпечатливите во напорите за спасување на тешко повредените од трагедијата во Кочани.

Во само еден ден, во средата, израелските лекари извршиле 23 сложени операции, со што буквално спасиле 23 животи – потврдуваат македонски здравствени работници кои биле дел од заедничките тимови.

Иако сите странски екипи што дојдоа во земјава покажаа високо ниво на стручност и помогнаа во стабилизирање на повредените, според сведоштва на медицинари кои работеле со нив, израелскиот тим се издвојувал со својата посветеност, брзина и искуство во третман на вакви трауматски повреди.

Израелците биле распределени во трите скопски болници, каде работеле заедно со македонскиот медицински персонал, како и со тимови од Чешка и од Србија.

Очевидци истакнуваат дека покрај напредната опрема и лекови кои ги донеле со себе, нивната несебична ангажираност и стремеж да спасат што е можно повеќе животи била фасцинантна.

Дел од нивната екипа веќе ја напушти Македонија, но други останале за да ја започнат втората, далеку покомплицирана фаза на лекување, која бара длабоко медицинско знаење и прецизност.

Пофалба за странските лекари пристигна и од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

„Имав особена чест да ги примам медицинските тимови од Државата Израел (16 члена) и Чешката Република (6 члена), во придружба на нивните амбасадори, пред заминувањето. Тие, заедно со веќе заминатиот српски медицински тим од ВМА, извршија стотина операции во соработка со македонските лекари. Се работи за лекари со врвно знаење, професионалност, хуманост, пожртвуваност и етика. Убаво е да се чујат комплименти за нашите лекари, како и изразена спремност за нивна едукација. По она што го чув од нив, не можев да најдам соодветни зборови за да им изразам должна благодарност. Од срце им благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар. Никогаш нема да го заборавам нивниот несебичен лекарски потфат“, напиша претседателката на Фејсбук.

Во меѓувреме, израелските лекари со почит зборувале за своите македонски колеги и ја пофалиле брзата интервенција на институциите, нагласувајќи дека токму таквата соработка дала резултати во клучните моменти.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk