Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел оствари работна средба со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, на која беше потврдена важноста на регионалната соработка и европската перспектива на земјите од регионот.

На средбата со амбасадорите на Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Словачка и Чешка, претседателката изрази благодарност за континуираната поддршка на европските интеграции на Македонија и Западен Балкан.

Сиљановска-Давкова ја истакна цврстата определба на државата за членство во Европската Унија, нагласувајќи дека високото ниво на усогласеност на македонското законодавство со европското право, како и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се јасен показател за посветеноста на земјата на европскиот пат.

Претседателката го посочи и забрзаното спроведување на Реформската агенда, кое е нотирано во овогодишниот извештај на Европската комисија, како дополнителна потврда за напредокот во исполнувањето на европските стандарди.

На средбата беше истакнато и значењето на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија. Сиљановска-Давкова изрази очекување дека проширувањето на ЕУ и интеграцијата на Западен Балкан ќе добијат дополнителен интензитет, особено за време на претседателствувањето на Грција и Италија.
Средбата во Брисел претставува уште една можност за зајакнување на дипломатската соработка и афирмирање на македонските европски аспирации, со фокус на поддршката од земјите членки и продолжувањето на евроинтегративниот процес.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата