СДСМ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА ЗА „САБОТАЖА“ - свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, немир и несигурност кај граѓаните (ВИДЕО)

Vecer | 05.11.2026

СДСМ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА ЗА „САБОТАЖА“ - свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, немир и несигурност кај граѓаните (ВИДЕО)
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Сите штедачи и доверители на „АЛТА банка“ АД Битола ќе бидат обесштетени до последниот цент, дури и ако банката заврши во стечај, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи две можни сценарија за надминување на состојбата – продажба на банката на нов сопственик или отворање стечајна постапка доколку не се најде купувач.

Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, Мицкоски рече дека пронаоѓањето купувач ќе биде тешко и ја обвини опозицијата дека со своите настапи ги одвраќа потенцијалните инвеститори.

– Сакам да бидам многу јасен. Можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Гледате што прават, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купувачи кои ќе ја консолидираат банката – рече Мицкоски.

Според него, доколку не се најде купувач, банката би можела да ја изгуби лиценцата и да влезе во стечај.

Премиерот тврди дека, според проверките со кои располага Владата, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат влогови до 30.000 евра, кои се покриени со законската га

ранција за осигурени депозити.

– Да бидат спокојни, до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите коишто ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема отколку што се побарувањата, можеби два до трипати е поголема – изјави Мицкоски.

Тој уверува дека државата располага со инструменти за заштита на штедачите и компаниите.

Мицкоски се осврна и на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „АЛТА банка“, нагласувајќи дека станувало збор за трансакција меѓу приватни сопственици.

Според неговото објаснување, преземањето било спроведено преку јавна аукција, по претходно завршени законски процедури и позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

– Банката ја купува приватно лице, приватна банка од приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата да биде информирана, ниту Министерството за финансии да биде информирано – рече премиерот.

Тој објасни дека државата, преку јавни претпријатија, поседувала мал дел од акциите во Стопанска банка Битола, но не ги продала за време на аукцијата поради законските ограничувања во периодот на локалните избори.

По завршувањето на изборите во 2025 година, Владата им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции на новиот сопственик, бидејќи државниот удел изнесувал само два до три проценти.

Премиерот предупреди дека состојбата со „АЛТА банка“ во Србија може да предизвика проблеми и за македонските компании што соработуваат со српски деловни партнери.

Тој наведе дека трговската размена меѓу двете земји во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра и дека неколку домашни компании веќе побарале помош од Владата.

– Неколку компании ми се јавија, македонски компании, кои велат дека мојот партнер е пред банкрот или е банкротиран во Србија, бидејќи му се блокирани средствата во „Алта банка“. Ме прашуваат што да правиме, ве молиме како Влада помагајте. Тоа ќе биде многу поголем проблем – рече Мицкоски.

Тој оцени дека финансиските тешкотии на српските компании би можеле да доведат до затворање бизниси и губење работни места и во Македонија.

Мицкоски ја обвини опозициската СДСМ дека шири невистини и создава паника кај граѓаните, споредувајќи ги нејзините реакции за „АЛТА банка“ со претходните критики за заемот од Унгарија и стратешкиот договор со Обединетото Кралство.

Тој побара Јавното обвинителство да ги разгледа постапките на опозицијата, оценувајќи ги како саботажа.

– Ред е и Јавното обвинителство да се позанимава, согласно Кривичниот законик, со ова кривично дело саботажа што го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, создавајќи немир и чувство на несигурност кај граѓаните – рече Мицкоски.

Премиерот направи споредба и со пропаѓањето на „Еуростандард банка“ во времето на претходната власт, повторувајќи обвинувања за тогашното постапување на функционери од СДСМ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk