Американскиот економист и аналитичар на јавните политики, Џефри Сакс, кој е и професор на Универзитетот Колумбија во САД, имаше обраќање и дебата преку конференциска врска со учесниците на Школата за млади лидери на поранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Нагласувајќи дека е од суштинско значење за иднината на човештвото да се постигне состојба на вистински мирен, мултиполарен и мултилатерален свет, Сакс сепак реално согледува дека светот сега е во состојба на „интеррегнум“, кога цитирајќи го Антонио Грамши вели дека „Стариот свет умира, а новиот сè уште не може да се роди. Ова е времето на чудовиштата“.
Сакс: „За мене, мултиполарноста подразбира постоење на повеќе центри на моќ во светот, односно повеќе големи сили. Мултилатерализмот, пак, значи дека се однесуваме во согласност со договорени и правични правила, пред сè со Повелбата на Обединетите нации, која и денес останува од суштинско значење за меѓународната соработка.
Навистина, поимот ‘интеррегнум’ потекнува од познатиот цитат на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, кој бил затворен од режимот на Мусолини и своите белешки ги пишувал во затворската ќелија. Една од неговите најпознати мисли гласи: ‘Стариот свет умира, а новиот сè уште не може да се роди. Ова е времето на чудовиштата’.
Со други зборови, се наоѓаме во период на транзиција во кој сè уште немаме воспоставен меѓународен систем. Немаме заеднички прифатени правила на игра. Не сме далеку од она што ни е потребно, но проблемот е што не се придржуваме до правилата.
Накратко, во XIX век светот беше доминиран од европските империјални сили. Европските империи продолжија да доминираат со остатокот од светот и во првата половина на XX век. Но, Европа самата се распарчи во две огромни војни – Првата и Втората светска војна. Секако, и вашиот регион беше длабоко погоден од тие конфликти. Тие беа разорни и трагични. Една од последиците беше крајот на европските империи.
Она што следуваше беше особено интересно. Од една страна, империјалната ера заврши и Европа ги загуби своите колонии. Во некои случаи тие ги напушти мирно, а во други дури по ослободителни војни. Но, Европа беше исцрпена. Морално истрошена и финансиски банкротирана. Повеќе не можеше да продолжи по стариот пат. Нејзиниот углед како доминантна светска сила беше сериозно нарушен по двете катастрофални светски војни.
Така, земјите во Азија и Африка ја добија својата независност. Но, истовремено, на светската сцена се издигнаа Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз. Тие станаа двете нови суперсили, односно новите империи.
Сепак, нивното дејствување не беше идентично со класичниот империјализам во Азија и Африка. Тие не настојуваа да ги контролираат териториите преку нивно директно поседување, туку преку влијание врз тоа кој ќе владее во тие земји.

Во 1991 година Советскиот Сојуз се распадна на 15 нови независни држави, слично како што се распадна и Југославија. Делумно под надворешен притисок, а делумно поради внатрешните противречности. Како резултат на тоа, на крајот од 1991 година, Соединетите Американски Држави се најдоа во позиција на единствена преостаната суперсила.
Несомнено, Америка е империја, бидејќи нејзината моќ надвор од сопствените граници не се заснова на поседување територии, туку на контролирање или барем обид за одредување на тоа кој ќе управува со други држави.
Но, она што се случи по 1991 година е многу важно. Во суштина, економски, воено и технолошки, светот постепено стана мултиполарен. Особено со подемот на Кина, повторното зацврстување на Русија како голема сила и растот на Индија, која денес е нуклеарна сила, располага со вселенска програма и има значајна економија, иако нерамномерно развиена.
Денес имаме неколку големи светски сили. Мислам дека никој реално повеќе не ги смета Соединетите Американски Држави за единствена светска суперсила. Всушност, можеме да видиме дека САД, и покрај својата прилично сурова војна против Иран, не успеваат да го поразат Иран, кој е регионална, односно средна сила.
Во таа смисла, светот денес е суштински различен дури и од светот пред 35 години, кога Советскиот Сојуз се распадна. Тогаш Соединетите Американски Држави се прогласија за единствена светска суперсила и хегемон на светот. Но, реалноста денес е поинаква.
Една од најголемите опасности на современиот свет е јазот меѓу претставата што Америка сè уште ја има за сопствената моќ и реалната состојба. Америка и понатаму се гледа себеси како доминантна светска сила, но тоа веќе не е така. Не може да ги постигне своите цели со истите сурови методи што ги користеше во минатото.
На пример, обидот за промена на власта во Иран е типична американска операција. САД успешно го направија тоа во 1953 година. Кога велам успешно, не мислам дека тоа било успешно за Иран, туку за американската цел – соборување на иранската влада. Но, во 2026 година тоа веќе не можат да го направат.
Значи, живееме во сосема поинаков свет. Но, како што рече Грамши, новиот свет сè уште не е роден, бидејќи сè уште немаме воспоставен геополитички поредок што ќе ја одразува мултиполарната реалност…
…САД преземаа бројни акции за соборување влади, но не успеаја да ги реализираат своите цели, бидејќи едноставно ја немаат моќта за која претпоставуваат дека ја поседуваат.
Една од причините поради кои денес имаме војна во Украина, според моето мислење, е обидот на Соединетите Американски Држави да го прошират својот воен сојуз, НАТО, кон Украина и регионот на Јужен Кавказ, вклучително и Грузија. Идејата беше јасна: да се ослаби Русија преку нејзино опкружување со земји членки на НАТО – Украина, Романија, Бугарија, Турција и Грузија.
Тоа не успеа, бидејќи Русија порача дека нема да прифати такво нешто, ниту во Украина, ниту во Грузија. И денес сме на бојното поле токму поради ова прашање.
Јас сакам војната да заврши така што Соединетите Американски Држави конечно јавно ќе го кажат она што приватно го признаваат: дека НАТО нема да се проширува во Украина и Грузија. Овие земји треба да бидат неутрални, а не вазалски држави на Соединетите Американски Држави.
Ова е моето основно разбирање за моменталната состојба. Кина стана голема сила. Русија е голема сила. Индија е голема сила. Соединетите Американски Држави се голема сила. Ниту една од нив не може да ги порази останатите. Директна војна меѓу која било од овие сили веројатно би довела до нуклеарно уништување.
Нема никакво оправдување за војна меѓу САД и Кина, меѓу САД и Русија или меѓу кои било други големи сили. Сите овие држави располагаат со нуклеарно оружје. Тие треба да соработуваат и да ги почитуваат меѓусебните безбедносни интереси, пред сè избегнувајќи распоредување воени и безбедносни структури непосредно до границите на друга голема сила.

Јас сум против членството на Украина во НАТО, против американското вооружување на Тајван и против евентуалниот обид на Кина да воспостави воени бази на Карибите или во Мексико. Секако, Кина не го прави тоа и нема такви намери. Но, доколку би се обидела, тоа би било катастрофално и би можело да доведе до војна, слично како во Украина.
Сега, за крај, мора да кажам дека во светот имаме многу реални проблеми, покрај оние што самите ги создаваме. Војната во Иран ја сметам за целосно непотребна. Нема никаква причина за неа. Војната во Украина е исто така целосно непотребна. Војната во Газа е апсолутно сурова и е резултат на еден вид очајнички екстремизам во Израел, кој длабоко го осудувам.
На Палестинците мора да им се овозможат нивните политички права. Тоа е најосновното прашање. Овие конфликти воопшто не мораа да се случат. Нема некаква длабока причина што ги прави неизбежни.
Но, истовремено, имаме навистина сериозни проблеми со кои мора да се справиме. Тука се глобалните еколошки предизвици, климатските промени предизвикани од човечкото дејствување, уништувањето на екосистемите ширум светот и загадувањето на океаните. Ова се исклучително сериозни проблеми кои бараат долгорочна глобална соработка.
Војните не само што ги влошуваат овие проблеми, туку и нè одвлекуваат од нивното решавање. Тие ги одземаат политичкиот капитал, вниманието и финансиските средства што треба да бидат насочени кон вистинските предизвици.
Покрај тоа, се соочуваме и со опасни технологии. Тука се нуклеарната енергија и нуклеарното оружје. Имаме и вештачка интелигенција, која е исклучително моќна и може да донесе огромни придобивки, но може да биде злоупотребена – автономно или од злонамерни актери – и да предизвика огромна штета во светот.
Постои и напредната биотехнологија, со чија помош би можеле да се создадат нови патогени организми што би можеле да го загрозат човештвото. За сите овие прашања е потребно заедничко управување и регулирање од страна на сите држави во рамките на Обединетите нации. И повторно, војните нè оддалечуваат од оваа исклучително важна агенда.

Значи, имаме јасна агенда. Имаме Обединети нации. Имаме Повелба на ОН. Секако, таа треба да се осовремени и реформира, бидејќи е создадена во 1945 година, во согласност со тогашната распределба на светската моќ. Денес е потребна пореална и посоодветна институционална структура.
Потребна ни е реформа на институциите на ОН, но веќе имаме добра основа. Најголемиот проблем со Обединетите нации денес се Соединетите Американски Држави, а не самата организација. Проблемот е во тоа што САД ја отфрлаат авторитетноста на Обединетите нации. Ги напуштаат меѓународните договори, го отфрлаат климатскиот договор и се повлекуваат од договорите за контрола на нуклеарното вооружување.
Ова е повеќе американски проблем отколку проблем на ОН. Но, тој се манифестира како проблем на Обединетите нации, бидејќи токму таму треба да се одвива мултилатералната соработка.
Значи, живееме во сложен свет. Наскоро ќе добиеме нов генерален секретар на Обединетите нации. Тоа мора да биде личност со интегритет, која ќе има храброст да се спротивстави на американскиот притисок и заплашување. САД се обидуваат да наметнат кандидати кои ќе ги спроведуваат нивните интереси. Тоа би било трагедија за Обединетите нации.
Нам ни треба генерален секретар кој ќе може да каже: ‘Јас го претставувам целиот свет, а не една конкретна држава’. Токму за тоа се водат разговорите во моментов“, анализираше Џефрли Сакс со учесниците на Школата за млади лидери.
***

Џефри Дејвид Сакс е роден на 5 ноември 1954 година е американски економист и аналитичар за јавни политики. Тој е професор на Универзитетот Колумбија, каде што порано бил директор на Институтот за Земјата, а моментално директор на Центарот за одржлив развој.
Од 2002 до 2018 година, Сакс бил специјален советник на генералниот секретар на ОН. Тој бил претседател на Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН. Сакс е ко-основач и главен стратег на Millennium Promise Alliance, непрофитна организација посветена на ставање крај на екстремната сиромаштија и глад.
Од 2002 до 2006 година, тој бил директор на работата на Милениумскиот проект на Обединетите нации за Милениумските развојни цели (МРЦ). Во 2010 година, тој станал комесар на Комисијата за широкопојасен интернет за одржлив развој, чија наведена цел е да се зголеми важноста на широкопојасниот интернет во меѓународната политика.
Тој е застапник за ЦОР за генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш за Целите за одржлив развој (ЦОР), збир од 17 глобални цели усвоени на самитот на ОН во 2015 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата