Обично политичарите велат дека обвинителите и судиите ни се чесни, ама ете, има некои 10 отсто од нив што го расипуваат впечатокот. Демек сите се арни, само мал дeл од нив не ги бива, не чинат и тие се скапаниот дел од јаболкото што потоа го распипува целото јаболко.
Добро. Нека е така. Ама потоа, минатава недела се случува изборот за наследник на Абази, оној миленикот на Али Ахмети кој е шеф на ЈО за организиран криминал и чиј мандат истече.
И Хаџи Василева, избраната, добива 64 гласови, а Трајче Пеливанов од СЈО, добива 57 гласови. Внимавајте, 57 гласови, тоа се 57 обвинители кои сметаат дека овој Пеливанов, кој бил член на неуставното СЈО, кој учествувал во вршењето политички прогон, кој служел, бил слуга на проектот за преименување на Македонија заедно со не баш интелигентната раја од „шарена револуција“, кој бил поданик на една величина као Катица Јанева чија интелектуалност ја видовме на дело, кој земал од, според Хајрулахи, криминалните бонуси – 85 илјади евра, заедно со Гаврил Бубевски, а „репресираната“ Ленче, потоа манекенката Фатиме и која уште таму земале само по 100-тина илјади…, е, и за тој обвинител, гласале 57 обвинители од сегашното ЈО на Република Македонија. Ни помалку, ни повеќе, туку да биде шеф на Обвинителството за организиран криминал. И тука не помага ни крстење, ни целиот Синод на МПЦ заедно со челниците на ИВЗ, не помага ни папата лично да дојде, а веројатно нема да помогне ни светите Петар и Павле лично да не удостојат и да се симнат на земјата.
Тоа е денешната слика на македонското Обвинителство. Тоа го одразува менталниот склоп на обвинителите. Нивната заостанатост, нивната закопаност и припадност н мрачната страна на нашата историја, нашето секојдневие и нашата реалност.
И тоа покажува дека актуелниот Ненад Савески, како Републички јавен обвинител, и на глава да се сврти, ќе има, односно има сериозен отпор да се промени нешто, и да се смени впечатокот односно да се зголемат оние два отсто доверба. И тие обвинители, ако не се лажам, кои сега се платени по околу 120 илјади денари (без додатоци и сл.), од наредната или година потоа, ќе треба да ги плаќаме по 3000 евра.
Некој работник ќе треба да се поти по осум часа на машина во фабрика, да заработи некаква плата од 40-45 илјади денари нето, да плати данок, за потоа од тие пари да ги платиме со по 3000 евра овие црнила на македонскиот правен систем кој истиот тој работник го влечат во амбис, затоа што не доволуваат овој општествен систем да напредува, да се развива и да просперира, на економски, но пред се и на интелектуален план.
И, кажете ми сега дека само неколку обвинители го расипуваат впечатокот, а сите други се добри, чесни, и не знам какви. Не, големо мнозинство од нив се за отпад, ментално расипани, неписмени и неспособни, со цел да приграбат пари и ништо повеќе. Сите тие се на ниво на Ѓоко Ристов плочкарот, на ниво на еден владин функционер, кој смета дека ако новинарот има нов компјутер за работа, тоа е непродуктивен трошок. Толку му сече, толку разбира, до таму му достига, ама ете тоа е пластично и сликовито објаснето нивото на овие обвинители.
И тоа обвинителство требаше да се распушти. Да се гонат сите оние кои беа дел од СЈО, да им се земе мерката по пропис, и да се почне од нула. Како во 1945 кога државата почнала од нула. Да, тогаш покрај сувото изгорело и многу сурово, ама едноставно тоа е така. За да се изгради систем.
Оти ова вака не бива. И нема да го биде. А, со тоа, оди курбан и државата. Зашто не е различна ни состојбата во судството. Не е различна состојбата и со мафијашките шеми адвокат-обвинител-судија, не е расчистено со онаа комедија од некаква си академија, не е расчистено со татините и мамините синчиња и ќеркичиња вгнездени во тој систем (синот на Талат Џафери ли беше меѓу нив?)… со други зборови, ние немаме судска власт. Ние имаме импровизацијата, колку да се каже дека го исполнуваме условот. Османлиската империја со корумпираните кадии имала повеќе ред во тој домен отколку ние.
И читате дека ОБСЕ имало некаква си позитивна оценка за Обвинителството во постапките за организиран крининал и корупција. Навистина? Мора да се шегувате. Мора тие од ОБСЕ да испиле некоја чашка повеќе. Нема друго. Шопска, жолта, па уште една жолта и тоа не во чашка од 0,5 дц туку оние, за вода од 2 дц, потоа некој специјалитет на куќата послужен со црвено вино, како да е спреман од Џумерко и Димче Мешковски во „Солунски патрдии“ и ете ти позитивна оценка.
Но, ајде, од ова да преминеме на парите. Кои, велат дека во оваа држава ги нема. И можеби е така, ама можеби и не е. Ама, се некако ми се врти во глава дека ако ги нема, ги нема зашто во наредните две години треба да вратиме пет милијарди долари земени како кредит од Заевци. Од оние, на кои таквите како тие од СЈО и сурија т.н. новинари, сега вгнездени на државна цицка (покрај странската), им беа слуги и потрчковци.
За што ја гонат Лејла Кадриу, која јавно проговори. Што значи, во оваа држава не е проблем што Шеќеринска и Заев нарачувале предмети и пресуди, туку проблемот е што Кадриу зборувала за криминалот што суријата го поддржувала.
Но, како и да е, тие, од Заевци земени пет милијарди, ние сега треба да ги враќаме. И да го стегаме каишот зашто немало пари. Е па, нема. Зашто сите беа впрегнати во копање на нивите во Муртино и велеа: „Убаво ни е!“. И никому ништо, нели? Ама сега, одненадеж за децата се загриживме (патем, нивните се згрижени, проблем е за нашите).
И ќе не користат, ќе ги користат нашите деца за да плачат и кодошат по прес конференции, без срам, без перде, ќе врескаат против Владата, (во ред, ок е тоа, тоа и треба да го има, ама малку прст на чело да се ставело), ќе врескаат по се и сешто и за се и сешто, само не заради тоа што за тие 5 милијарди долари никој не е фатен за гуша и од никого ни денар не вратено назад. Како оној пироќанецот кому мува му паднала во супата, па ја фатил, ја стиснал за врат и и’ викал: „Плукни назад!“
А делени се пари, крадени се пари, како никогаш досега.
Повеќе беше крадено можеби само во времето на приватизацијата на Бранко папата. Тоа крадење од тие седум години, е повеќе дури и од она време на мафиозите на Љупчо н Снешка кога Македонија беше третирана како Алајбегова слама. Или од времето по Љупчо кога стигнавме до епска невработеност од 38 отсто, каква што немало во историјата на светот (освен можеби во две земји, небитно за овие редови).
И сега сите ќе треба да плачеме дека немало пари. Реков можеби. Ама, повторно – зашто Ден Дончев уште во времето на СДСМ не заврши во Идризово, а не сега полуписмени медиуми да ни кажуваат дека „полицијата не успеала да го најде“, демек му побегнал ан Панче, иако тој ја „дувна“ од овде уште пред многу години со полни бисаѓи, пуштен со благослов од Заевци кои му ги наполнија торбите со крадени пари, а сите тогаш си гледавме со главите ставени меѓу нозе.
И треба да одговараат не само Дончев, туку и тие кои го пуштија. Да си одлета како миротворно и невино гулапче. Патем, тој истиот Дончев, тој е дел од дувлото на Љупчо на Снешка. Се сеќавате? И тој потоа стана функционер на СДСМ. ВМРО на ваквите не им простувало. Ги наоѓало под дрво и под камен.

Само што, Дончев како поединец не е проблем. Проблем е системот кој беше создаден кога тој беше директор на ФЗО. И кој треба од корен да се исечен. Во спротивно, сите можеме да одиме на Пчиња и да се лажеме дека фаќаме риба.
И, патем, тоа што нема пари (додуше и ова е малку претерано – не е дека нема, туку нема колку што сите ние сакаме), не значи дека оној кој смета дека ако купиш компјутер е „криминал“ не треба да се фрли низ прозор, во исто време додека Јаневска и нејзиниот шеф – премиерот, се борат секое дете во оваа држава да има таблет, компјутер и се што треба.
Зашто, немаме многу опции. Имаме две: или ќе играме како што треба и ќе ја кренеме оваа држава на цврсти, стабилни и здрави нозе, или ќе импровизираме во стилот на оној кој што и се фалел, и се перчел како паун на девојката, ама на крај завршил со познатото „Живеј, душо, живеј“.
Дарко Јаневски, ФБ статус
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата