Поради случувањата со Алта банка од Србија, на седница на извршниот одбор на Народната банка, донесена е одлука за воведување времена мерка - вонредна управа во Алтабанка АД Битола, со цел заштита на имотот и парите и граѓаните и компаниите, соопшти на вонредна прес конференција Гувернерот на Народната банка Трајко Славевски.
- Со губењето на дозволата за работа на Алтабанка во Србија, а со цел заштита на имотот и парите на граѓаните во Македонија, неопходно е воведување административна управа. Оваа мерка ќе трае три месеци. За тоа време ќе ја известиме Алтабанка во Србија за преземените мерки и да се обидат да најдат купувач за акциите во банката во Македонија, за која се заинтересирани неколку домашни и странски банки и финансиски институции.
Со оваа одлука, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица назначени од Народната банка, кои ќе постапуваат во рамките на доделените овластувања.
Гувернерот соопшти дека донесени се мерки за да нема големи одливи на пари од Алтабанка Битола, од каде граѓаните во последниве денови подигнале околу 2 милиони евра.
- Физичките лица може да подигнат 10.000 денари неделен лимит кој може да се користи со картичките на коминтентите на банката, и преку мобилно и електронско банкарство, во текот на една календарска недела, од понеделник до недела.
Фирмите ќе можат да вршат плаќања во рамките на свои клиенти, во рамки на банката. Мерките се со цел да се заштитат имотот и парите на физичките и правните лица, соопшти Славевски.
Тој повика на одговорност во јавните изјави:
- Да не се хушкаат граѓаните со неодговорни изјави, порача Гувернерот.
Според пресекот на Народната банка, Алтабанка Битола има околу милион евра обврска, што споредено со вкупната актива е незначителен износ.
На прашањето дали има приливи од Србија кон Македонија како што се тврди во јавноста и дали има повлекување на средства во милионски износи, Славевски вели дека граѓаните подигаат од банкоматите и од Банката поради неизвесноста во јавноста.
- Нема приливи во Македонија од Белград пред кризата и губењето на дозвола како што се обидуваат да престават некои актери, посочи гувернерот Славевски.
Според него, Алтабанка Битола не е системски голема банка и ова нема да влијае на нарушување на бебзедноста на банкарскиот систем.
Според гувернерот, „Алта банка“ АД Битола е високо капитализирана и ликвидна, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.
Од Народната банка уверуваат дека мерките се од привремен карактер и се воведуваат со цел заштита на имотот на банката и интересите на штедачите.
Воедно, гувернерот потсети дека граѓаните и компаниите кои имаат кредити во банката треба да продолжат редовно и навремено да ги исполнуваат своите обврски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата