logo
logo
logo

Се уште демнат „санстефански“ концепции

СОФИЈА СО ПАСОШИ, ЛАЖНИ ПОТВРДИ И УЦЕНИ ги претставува македонските региони во Албнија - Преспа, Гора и Голо Брдо како бугарски, тврди Стерјовски

Vecer | 10.09.2026

СОФИЈА СО ПАСОШИ, ЛАЖНИ ПОТВРДИ И УЦЕНИ ги претставува македонските региони во Албнија - Преспа, Гора и Голо Брдо како бугарски, тврди Стерјовски

Бугарија има отворени територијални и асимилаторски претензии кон традиционалните македонски региони во Албанија, обидувајќи се со закани, уцени и лажни документи да ги претстави Преспа, Гора и Голо Брдо како „бугарски области“, предупредува претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Во изјава за албанската телевизија СОТ7, Стерјовски отворено посочи дека зад ваквата агресивна политика стојат стари, анахрони „санстефански“ концепции за Голема Бугарија кои се протегаат сè до Корча, Подградец и Дебар, а чии главни инструменти за притисок се евроинтеграциите, делењето пасоши, спорните потврди за потекло и сомнителните донации.

Уцена со европскиот пат на Албанија

Според Стерјовски, бугарската пропаганда и притисоците драстично се засилени откако Бугарија стана членка на Европската Унија, достигнувајќи го својот врв во 2017 година кога беше извршено официјално признавање на наводно бугарско малцинство во Албанија.

„Сè се направи со директен притисок врз Албанија. Или ќе признаете бугарско малцинство, или во спротивно ќе бидете блокирани на вашиот пат кон Европската Унија“, дециден е Стерјовски, потсетувајќи дека дотогаш такво малцинство воопшто не постоело во албанските пописи.

Механизми на асимилација: Пасоши, потврди и лажни потекла

Лидерот на МАЕИ разоткрива дека по 2017 година започнал масовен инженеринг преку кој локалните жители се поттикнуваат да се изјаснуваат како Бугари заради економски интереси. Како клучен адут Софија ги користи бугарските пасоши, додека одредени локални институции издаваат потврди за бугарско потекло за паричен надомест, иако немаат никаква законска надлежност да утврдуваат етничка припадност.

Целта на овие документи, според Стерјовски, е во иднина да се користат како лажен статистички аргумент за прикажување на бројно „бугарско малцинство“ во пограничните региони.

Удар врз македонскиот идентитет

Главна мета на овие геополитички игри остануваат автохтоните македонски заедници во Преспа, Гора и Голо Брдо. Стерјовски предупредува дека продолжувањето на ваквите ретроградни политики не само што ја загрозува македонската заедница, туку на долг рок ѝ се заканува како бумеранг и на самата албанска држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk