logo
logo
logo

Анализа

Самоуништување со умисла: НЕКОИ ОД ИСЕЛЕНИТЕ ЌЕ СЕ ВРАТАТ, НО НЕРОДЕНИТЕ БЕБИЊА - НЕ

Vecer | 05.09.2026

Самоуништување со умисла: НЕКОИ ОД ИСЕЛЕНИТЕ ЌЕ СЕ ВРАТАТ, НО НЕРОДЕНИТЕ БЕБИЊА - НЕ

Многу приказни, рекла-казала муабети, лажни вести за политичка употреба... има околу фактот колку луѓе се иселиле од Македонија. Политиката го контаминира ова прашање со измислени бројки за дневно политичка употреба но, фактите се прилично поинакви.

Ние имаме политичари кои се најголеми промотери на ислеувањето. Врвна контаминација на политиката за квалитетот на живот во Македонија и иселувањето како решение, труење на младите дека “државава е за никаде, треба да се иселите..“ е секако изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски дека “ и тој би се иселил да не е претседател“. И политички, и морално, и етички ова е криминална изјава на шеф на држава и поттик за иселување, изјава каква нема ниту еден претседател дадено во историјата на Европа по Втората светска војна.

Патем, ни пред ни по мандатот Стево Пендаровски, претседател по избор на СДСМ, не се исели од Македонија но, мотивираше други да го сторат тоа.

Дали нацијата, по бројност, ни се намалува токму поради иселувањето? Го земаме периодот од последниве 25 години, период 2000-та до 2025-та. Фактите и бројките кои се прецизни и точни, меѓународно проверливи, го велат следното:

- Според Државниот завод за статистика, од Македонија годишно, просечно, се иселуваат 12.000 луѓе. Тоа е околу 300.000 луѓе кои се иселиле за тој период од вкупно 25 години. Според податоците на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) приближно во тој период (2000-та заклучно со 2021, се иселиле околу 77.000 млади луѓе од Македонија, или околу 3.600 годишно.

Која е причината за иселувањето? Најчесто економска, но тоа е предмет на широка мултидисциплинарна анализа. Политичката опозиција која бара прифаќање на бугарското вето вели - се иселувале затоа што не сме го прифаќале ветото бидејќи во спротивно веќе ќе сме биле во ЕУ па народот, особено младите, немало да се иселуваат?

Според опозицијата, СДСМ/ДУИ, и нивните јавни настапи кога тие беа на власт ние веќе сме ги почнале преговорите уште со ЕУ во 2019-та, откако тие насилно го сменија уставното име и го прифатија бугарското вето. Но, тие лажеле, ни ден денес немаме преговори со ЕУ покрај сите нивни ветувања иако потпишавме политичка капитулација со Грција, насилно сменивме уставно име, и прифативме вето од Бугарија за откажување од националниот и културен идентитет и историја.

Влезот во ЕУ е гаранција дека нема да има иселување?

Да, Македонија се уште нема ни отпочнато преговори за влез во ЕУ затоа што не го прифаќа бугарското вето кое прво ни беше пратено од Софија па откако нацијата даде отпор и ја потсети ЕУ дека билатерални прашања не се услов за влез во ЕУ, за што најсвеж пример е спорот помеѓу Словенија и Хрватска околу Пиранскиот залив, истото вето за нас затоа дојде како “европско“, од Брисел, за да не биде “билатерално“.

Неспорна е масовната поддршка во јавноста за влез на Македонија во ЕУ. Но, по преговорите и договорите кои СДСМ и ДУИ ги склучија со Грција и, особено, Бугарија се поставува прашањето - влез да, но по кој цена. Дали самопоништувањето како нација и култура, сопственото бришење, значи дека во ЕУ не влегуваат Македонците туку некоја безлична аморфна маса луѓе кои, потоа, ќе бидат присвојувани од другите нации, и ќе живеат во други, туѓи култури, јазици и истории и според туѓи правила и потреби, етнички разбиени и потоа исчистени. Кога си никој секој има право да тврди дека си негов.

Последната голема војна, Втората светска војна, покажа кој и како сака да ја подели Македонија. Окупацијата ја подели на бугарска и албанска, а по војната македонска држава се создаде само на територијата на Вардарска Македонија, онаа која беше во Југославија. Пиринска и Егејска останаа надвор од нацијата.

Окупирани територии 1941-1945
Окупирани територии 1941-1945

Значи, не е прашањето дали сакаме во ЕУ, тоа е решено. Дали се држиме до политиката на ЕУ, и тука одговорот е - да. Прашањето е на цената и условите кои не важеле, досега, за ниту една членка на ЕУ - туку само за Македонија.

Останува уште одговор на опозицијата од СДСМ и ДУИ дека иселувањето е “масовно“ поради ВМРО ДПМНЕ, затоа што не сме во ЕУ - по секоја цена. Патем, од 25-те години кои се предмет на анализа 11 години на власт биле СДСМ и ДУИ и се иселувало “масовно“.

Дали е иселувањето нормално, или “многу“, може да се определи само компаративно, со споредба. Резултатот има дополнителна вредност во контекст на политичката пропаганда на СДСМ дека ако се прифати ветото на Бугарија, ние ќе сме во ЕУ (никој тоа не го гарантира) и нема да има иселување?!

Хрватска и Бугарија се членки на ЕУ. Држави слични според својата економска моќ со Македонија, и со слични култури и социјални навики.

Хрватска е членка на ЕУ од 2013 година. Според државниот завод за статистика на Хрватска (ДЗС), таа година државата имала 4.255.689 жители, и просечна плата околу 740 евра.

Во 2025 година Хрватска има 3.874.993 жители, и просечна плата од 1.392 евра. Откако влегле во ЕУ имаат 380.696 жители помалку. Според нивниот ДЗС објавени на tocnotako.hr по влезот во ЕУ за 12 години се иселиле помеѓу 400 и 460.000 Хрвати, или над 35.000 годишно!

Со оглед дека Хрватска во 2013-та имала повеќе од дупло жители од Македонија, и дупло поголема плата од нас, плус сива економија од туризам, стапката на иселување им е 50% повеќе од Македонија во далеку подобри услови за живот. Или, со нашето “високо“ темпо на иселување би имале 24-25.000 иселени но, тие имаат 50% повеќе од тоа, потенцирано - во подобри економски и социјални услови.

Бугарија е членка на ЕУ од 2007 година, шест години пред Хрватска. Кога станала членка на ЕУ, во 2007 година, Бугарија имала 7.500.000 жители, и просечна плата околу 220 евра.

Во 2025 година Бугарија има 6.423.000 жители, и просечна плата околу 900 евра. Откако влегле во ЕУ имаат 1.077.000 жители помалку. За 18 години откако влегле во ЕУ од Бугарија се иселувале по околу 60.000 луѓе секоја година.

Бугарија, во 2007 година, имала 3,5 пати повеќе жители од Македонија. Доколку се иселувале со темпо кое се случува во Македонија и кое е “високо“ би имале иселување од околу 40.000 Бугари, но тие имаат 60.000 иселени или динамика која е, слично како и во Хрватка, 50% поголем степен на иселување повеќе од Македонија - откако државите станаа членки на ЕУ.

Гледано во нашиот регион, примерот со Романија е уште полош.

“Емиграцијата на населението од Хрватска, Бугарија и Романија по пристапувањето во Европската Унија претставува еден од најголемите демографски егзодуси во модерната историја на Балканот, пишува Фактограф.хр. Со отворањето на границите овие три земји изгубија значителен процент од своето работоспособно и младо население за краток временски период. Според официјалните податоци на Евростат, овие земји водат на ранг-листата на ЕУ според уделот на нивните вработени граѓани (на возраст од 20 до 64 години) кои живеат и работат во други земји-членки на ЕУ“.

 Дали праксата покажува дека со влезот во ЕУ иселувањето и од Македонија ќе запре, или ќе се зголеми за 50-60% и ќе се ислеуваат по 20.000 годишно?

Податоците се тие, чисти, прецизни и меѓународно познати и верификувани. Па, дали тоа што не го прифаќаме условот на Бугарија за преговори и (којзнае кога) влез во ЕУ е причина за иселувањето од Македонија? Ете што се случува со државите од нашиот регион по влез во ЕУ во однос на иселувањето.

Нашиот поголем, ако не и најголем, проблем со опстанок н македонската нација е сепак исчезнување на семејствата, немање прираст со новородени бебиња.

Само во 2017/2018-та година кога тогашната влада го воведе “законот за трето дете“ со субвенција за секое трето дете и мајките на бебињата имавме запирање на падот на наталитетот. Но, тогашната опозиција СДСМ и ДУИ со јавен притисок и постапка го поништија тој закон и наталитетот е во драстичен пад до ден денес.

Да го споредиме иселувањето со падот на наталитетот, и да видиме што од нив има клучно влијание на самоуништувањето на нацијата, оттаму и на државата.

Во таа 2000-та имавме околу 26.200 новородени бебиња. Во 2025-та имаме 15.800 новородени. Тоа е разлика од околу 10.500 новородени бебиња годишно помалку, или скоро колку што луѓе годишно се иселуваат од Македонија.

Да не споредуваме наназад, во шеесетите кога во Македонија се раѓаа од 37 до 45.000 бебиња годишно. Денешните баби и дедовци кои ги создале младите денес - се херои кои им дале живот.

Од тие 12.000 кои годишно се ислеуваат од Македонија некои и ќе се вратат. Неродените бебиња не се враќаат никогаш.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk