Руската влада привремено го ограничи извозот на одредени петрохемиски производи, со исклучок на испораките кон земјите членки на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ). Забраната ќе важи три месеци, а целта е да се обезбеди непречено снабдување на домашните индустриски компании со суровини, објави „Интерфакс“, повикувајќи се на информација од владината интернет-страница.
Мерката ги опфаќа катранот од камен јаглен, нафтениот бензол, толуенот, ортоксиленот, параксиленот и фенолот. Овие хемикалии се користат во производството на бои и лакови за автомобилската и воздухопловната индустрија, бродоградбата и железничкиот сектор. Нивната примена опфаќа и производство на амбалажа за храна, подни облоги, изолациски материјали за кабли и медицински производи.
Покрај земјите од Евроазиската економска унија, од забраната се изземени и петрохемиските производи што се превезуваат во меѓународен транзит, пратките со меѓународна хуманитарна помош, како и испораките наменети за руски организации на норвешкиот архипелаг Свалбард.
Според „Интерфакс“, испораките на овие хемикалии од Русија веќе се опфатени со санкциите на Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата