Филипинските истражители истражуваат дали Томас Маркл помладиот, полубратот на Меган Маркл, бил вмешан во злосторства поврзани со сексуална злоупотреба на деца, додека истрагата за нивниот татко се проширува, изјави филипинскиот министер за внатрешни работи во понеделникот.
Министерот за внатрешни работи Хуанито Виктор Ремула изјави дека сведоците рекле дека малолетни девојчиња биле донесувани во домот на Маркл помладиот. Ремула им рече на новинарите во Манила дека Маркл помладиот се третира како „лице од интерес“, а не како осомничен.
Минатиот месец се појавија медиумски извештаи дека, материјал што укажува на сексуална злоупотреба на деца бил пронајден во поранешниот дом на Томас Маркл постариот (82) во централната филипинска покраина Себу.
Маркл постариот, кој оттогаш се врати во Соединетите Држави, ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „болни лаги“.
„Навистина вознемирувачки материјал“
Ремула рече дека истражителите пронашле околу 7.500 фотографии и едно видео од момчиња и девојчиња од Азија, Латинска Америка и Европа кои наводно биле сексуално злоупотребени. Тој го опиша материјалот како „навистина, навистина вознемирувачки“.
Според локалните власти, Маркл помладиот предал четири кутии со материјал, вклучувајќи компјутери, мобилни телефони, хард дискови и стари видеокасети. Полицијата минатата недела добила судска наредба за претрес на уредите.
Меган изјавила дека била „длабоко потресена“ кога обвинувањата излегле на виделина. Таа рече дека дознала за вознемирувачките обвинувања против нејзиниот татко уште во 2018 година и дека, за да ги заштити своите деца, му оневозможила каков било контакт со нив.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата