Поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, ги исцрпи сите законски можности да ја оспори смртната казна на која беше осудена во отсуство и сега се соочува со егзекуција, изјави денес главниот обвинител за воени злосторства во земјата.
Меѓународниот кривичен трибунал за Бангладеш ја осуди Хасина на смрт во ноември 2025 година за нејзината улога во задушувањето на студентското востание во 2024 година, во кое Обединетите нации проценуваат дека загинаа до 1.400 луѓе, објави „Блумберг“.
Хасина, која избега во Индија откако го заврши своето 15-годишно владеење, ги негира обвиненијата, а Бангладеш бара нејзина екстрадиција.
Ислам рече дека Хасина имала 30 дена да поднесе жалба, но не го сторила тоа додека била во странство, со што се откажала од тоа право.
„Бидејќи рокот за жалба е истечен и нема други правни лекови, егзекуцијата е единствената преостаната опција според законот“, им рече Ислам на новинарите во Дака.
Тој ги отфрли тврдењата на социјалните мрежи дека смртната казна бара потврда од Високиот суд, велејќи дека такво одобрение не е потребно за пресудите на Кривичниот трибунал.
Според писмото од нејзините адвокати, кое го виде „Блумберг“, Хасина побарала нов пасош и лична карта од Бангладеш за да го олесни своето планирано враќање од Индија во декември. Нејзините претходни документи беа поништени откако беше соборена од власт, а таа претходно изјави дека има намера да се врати и да му се предаде на судот.
Протестите се разгоруваат
Во меѓувреме, протестите на поддржувачите на нејзината забранета партија Авами лига се интензивираа. Возач на автобус беше убиен, а најмалку 10 возила беа запалени во немирите во вторникот. Низ целата земја беа пријавени и напади со подметнување пожари и импровизирани експлозивни направи. Полицијата за насилството ги обвини поддржувачите на поранешната владејачка партија и го зголеми своето присуство на терен.
Ислам рече дека ако Хасина сака да се врати во Бангладеш, треба да поднесе писмено барање до индиската влада во согласност со договорот за екстрадиција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата