Ива Михаилова, лицето кое усмрти македонски граѓанин во сообраќајна несреќа и побегна во соседна Бугарија, наместо да биде на итно болничко лекување како што тврдеше, се појави како гостин во подкастот на познатиот бугарски новинар Мартин Карбовски. Ова го обелодени новинарот Богдан Илиевски (Бетмен Велит), кој истакна дека и покрај претходните јавни тврдења за итни медицински интервенции и конзилијарни мислења во престижната болница „Пирогов“, Михаилова се појавила пред камерите заедно со својот адвокат изнесувајќи низа контроверзни и неточни тврдења.
Во контроверзното интервју, Михаилова и нејзиниот правен застапник изнесоа цела низа неосновани обвинувања и конспиративни тези. Меѓу другото, таа тврдеше дека била незаконски држена во Македонија, дека нејзиниот национален идентитет бил причина за „инквизициски“ судски процес, а изнесе и апсурдни тврдења дека премиерот Христијан Мицкоски лично финансирал 90 проценти од македонските медиуми за ширење омраза. Во емисијата беа упатени и напади кон македонското обвинителство и институциите, со тврдења за наводно барање поткуп, бајковити сценарија за следење од македонските служби, како и геополитички обвинувања дека Македонија е под влијание на „српскиот свет“.
Како што забележуваат домашните аналитичари и новинари, во целокупното 40-минутно гостување во кое се обвинуваше македонскиот систем, ниту еднаш не беше споменато името на загинатиот македонски граѓанин чиј живот беше згасен во несреќата, ниту пак начинот на кој обвинетата успешно ја избегна правдата и ја ја преминуваше границата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата