Профил

Кога лудаците ја преземаат лудницата не влегувај сам во неа

Vecer | 07.11.2026

Кога лудаците ја преземаат лудницата не влегувај сам во неа
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Да почнеме од политиката која две недели најмногу се вртеше на нашите портали и социјални мрежи. Од крајот на шарената револуција во Србија и се уште несоздадената власт кај нашиот северен сосед.

Најважно, и во овој и во следните теми: не верувајте на се што се објавува, особено по социјалните мрежи. И, најособено, доколку немате сознание кој навистина стои зад тие профили. Истото важи и за нови и недокажани портали кои, за да се обезбеди божем извор на информацијата, цитираат вести од социјалните мрежи, со што кругот на лажење и пропаганда се затвара, а вие сте заробени во него. Игнорирајте ги таквите, и поштедете се од негативен набој.

Ова важи за двете политички страни во Србија, во Македонија... насекаде каде што политиката е во сезона на зовриени мозоци и лесно запаливи зборови и пароли. За разлика од други ние имаме свое лично искуство до шарената револуција и секој добро знае што е тоа, зошто е тоа и што тој вирус предизвикува.

За крај на првава тема, за оние кои помалку ја знаат српската историја: ова е само нова фаза на вековниот политички судир на два концепти. Концептот на династијата Караѓорѓевиќ и династијата Обреновиќ. Шарените се вториве.

Што и како ќе биде таму, ќе видиме. Не знаат ни они, па оттаму не можеме да знаеме ни ние. Досега е познато само едно: ги чека шарената револуционерна пракса на јавно демонизирање луѓе што е видена на повеќе места низ Европа.

Доаѓаме до Алта банка.

Единствен политички куршум испукан во Србија кој рикошетира до Македонија е стечајот на Алта Банка Београд. Алта банка е една од 18 банки во Србија со пазарен удел од само 3% во банкарскиот сектор. Располага со 1,85 милијарди евра со што е на девето место по големина во државата.

Куп лажни вести и шпекулации го следи тој случај. Апсење на газдата кое беше проследено со серија лажни вести за изнесен 380 милиони евра во кеш во текот на една ноќ помеѓу 30 и 31 октомври. Ако се евра тоа е околу 3 тони хартија, ако се динари тоа е над 9 тони пари. Нема изнесен кеш во таков износ. Дека е уапсен на граница, дека за три дена ќе биде уапсена и гувернерката Јоргованка Табаковиќ... Точно е само дека е уапсен но, не на граница при бегство за Москва туку во Белгард, и определен притвор за проневера на 380 милиони евра со лажно прикажување промет на штедилници. Точно е и дека Народната банка на Србија на 30 октомври, четири дена по изборите, донела одлука за стечај на банката.

Тоа е се што, досега, е важна информација за нас. Се друго понатаму е гајле, постапка и процес пред српските државни органи и нивната јавност.

На 13 октомври 2025 година, српската Алта банка ја купи Стопанска банка Битола, по што стана сопственик на околу 95% од уделите. Официјално свои удели продале 262 акционери но, во јавноста како доминантни продавачи на акциите се спомнуваат две имиња од врвот на бизнисмените во Македонија. Едниот од нив познат по изјавата “Зоран Заев е најдобар премиер што Македонија го имала“. Банката е продадена за околу 23 милиони евра, или 3.777 денари по акција.

Продажбата на Стопанска банка Битола е актуелна уште од 2024 година, кога СДСМ/ДУИ се уште беа на власт. Во тоа време, гувернерка на Народната банка беше Анита Ангеловска Бежовска, а нашата Народна банка даде согласност Комерцијална банка да ја купи Стопанска банка Битола, ако акционерите ја прифатат понудата. Значи, битолската банка одамна е на понуда, но цената што ја нудела Комерцијална банка Скопје им била мала па барале друг купувач.

Трајко Славески стана гувернер на Народната банка Македонија потоа, кон крајот на мај 2025 година.

Комерцијална банка Скопје соопшти дека понудата за преземање на Стопанска банка Битола ја прифатиле 149 сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 45,05 проценти од сите акции со право на глас. Понудата за преземање се однесувала на се или ништо - на сите 390.977 обични акции.

По долги преговори Комерцијална банка Скопје им дала рок на акционерите до 22 септември да се изјаснат дали ја прифаќаат цената нешто над 20 милиони евра, или 3.220 денари по акција за продажба на акциите. Понудата не била прифатена.

Дали е случајност или не, но и за Еуростандард банка, која претходната година ја завршила со загуба од 6,3 милиони евра, имало преговори да биде купена од Комерцијална Банка во 2019-та. Преговори кои се завршени без успех, а во 2020-та Народна банка прогласи стечај за Еуростандард банка.

Освен лошата судбина, и во двата случаи забележително е дека порталите и медиумите блиски до СДСМ, по неуспешното купување/продавање се удрија на темелно плукање врз новите купувачи на Битолска банка и врз Еуростандард за која пишуваа дека преговара со Бугари за купување на банката но, Еуростандард не стана бугарски и потоа замина во стечај по одлука со тогашната гувернерка на Народна банка, За време на Трајко Славески Алта банка не е во стечај.

Таа 2019-та година беше “банкарска“. Шпаркасе ја купи Охридска банка за 48 милиони евра.

Битолска банка е продадена во октомври 2025 година во состојба на банка со ризична и нестабилна иднина. Во јули таа 2025 година, непосредно пред продажбата, имала добивка од само 560.000 евра. Во 2024 имала значително поголема добивка од 2,6 милиони евра, а претходно 2023-та загуба од 3,1 милиони евра. По продажбата Стопанска банка Битола, под името Алта банка Битола и понатаму останува една од најмалите банки во Македонија со пазарен удел до само 1,21%, или на 12 место од вкупно 13 банки во државава.

Ова се први сублимирани факти, бројки и состојби, кои ги читате во оваа хистерија која со политички мотиви сака да ја создаде СДСМ но, и со финансиски мотиви – да се обезвреди Алта банка Битола и да се купи за што е можно помалку пари од идниот сопственик. А има заинтересирани, некој од нив ја има и оваа причина.

Свесното создавање хистерија околу Алта банка Битола е координирана акција за намалување на цената на Алта банка Битола и политички напад врз сегашната влада која, со трансфер на банки, нема никаква допирна точка и надлежност.Да можеше влада да решава, одмана Комерцијална банка и Еуростандард банка ќе беа бугарски банки. Дури ни апсолутистот Заев не го можеше тоа.

Еден мал детал кој не се појавува во јавноста, а има влијание врз доказот дека СДСМ свесно создава хистерија за Алта банка за свои политички цели но, и дека постои паралелна поддршка на хистеријата од заинтересиран купувач на Алта банка Битола за обезвреднување на банката при преговорите со Народна банка.

Никој не спомнува дека Алта банка Битола ја купила Силк Роуд банка Скопје (Поранешна грчка Алфа банка) за што беа објавени извештаи во октомври 2026 година, откако Силк Роуд банка поднесе соопштение до Македонската берза. Силк Роуд е поуспешна банка од Алта Банка Битола, позиционирана веднаш зад ТТК Банка (1,34% пазарен удел) и пред Алта Банка Битола (1,21% удел).

Затоа што таа информација, доколку продажбата е и завршена, ја подига цената и вредноста на Алта банка Битола. Затоа што таа информација кај штедачите и јавноста создава смирување на хистеријата дека Алта банка пропаѓа, парите до сметките ќе ги снема, и се што следи потоа.

Политичкиот контекст на СДСМ дека Алта банка Битола е на Александар Вучиќ и дека сегашната власт му помогнала да ја купи Стопанска банка Битола е – глупост.

Ниту еден премиер или министер во Европа, па ни во Македонија, нема моќ при купување или продавање на банки. Тоа се бизниси строго и длабоко меѓународно контролирани и, доколку не што не е во ред, реагираат моментално со забрана.

Парите на Алта банка Битола се на сметка. Обезбедени од државата, од Народна банка, и нема никаква можност да ги снема. Секој своите ќе ги добие наскоро.

Хистеријата е само производ на соросоидите од шарена револуција во врвот на сегашниот СДСМ кои се обидуваат да се налепат на парите кои ги добива Студентска листа од Србија и да им создадат обврска од Белград да организираат нешто слично овде. Но, кој прележал заушки станува имун да му се случат пак.

Тоа е толку проѕирно, видливо и полтронско што предизвикува презир и гадење. Ако некој е зависен од Србија тоа се овдешните соросоиди и СДСМ кои и во нашата шарена револуција имаа координатори и лидери од Белград и кои, сега повторно, понизно по “баци рака“ систем им се додворуваат и им се нудат. Но и со нив, и без нив, овој СДСМ е политичка нула.

За СДСМ и ваквите хистерии – ова е време на нивното Memento mori. Латинска фраза што значи „запомни дека мора да умреш“. Древна медитативна практика за да се остане свесен за човечката смртност и минливост. И човечка и политичка.

Заради ментална хигиена, чување на личниот мир и здравиот разум не им се нудете за пациенти во нивните експерименти. Ако лудаците ја преземале лудницата нема причина сами да се ставате во неа, и под нивна власт врз вашиот ум.

Д.П. Латас (07.11.2026)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk