Најмалку 57 лица се повредени во верижен судир во градот Сеонгнам, јужно од Сеул, откако градски автобус удрил во колона возила што чекале на семафор. Меѓу повредените има деветмина со тешки повреди, но никој не е во животна опасност.
Несреќата се случила утринава, околу 7:34 часот по локално време, во населбата Бунданг, во близина на раскрсницата „Беолмал“, во моментот кога голем број граѓани патувале на работа. Според првичните информации, автобусот удрил во четири други автобуси, еден камион и 27 патнички автомобили – вкупно 32 возила.
Според информациите на јужнокорејската новинска агенција Јонхап, автобусот продолжил да удира во возилата на растојание од околу 100 до 150 метри, а запрел дури откако се забил во средишната заштитна бариера.
Во несреќата се повредени 57 лица. Деветмина се здобиле со тешки повреди, а 48 поминале со полесни повреди. Меѓу потешко повредените е и возачот на автобусот. Надлежните соопштија дека никој од повредените не е во животна опасност.
Според најновите информации, возачот бил маж во шеесеттите години. Тој изјавил пред полицијата дека сопирачките не функционирале. Алкотестот покажал дека не бил под дејство на алкохол, но полицијата ќе проверува дали евентуално користел дрога. Причината за несреќата сè уште се истражува, а ќе бидат анализирани и снимките од камерите во возилата и од надзорните камери во околината.
На местото на несреќата биле испратени голем број пожарникари, спасувачи и медицински екипи. Биле поставени и привремени пунктови за итна медицинска помош, а повредените добивале третман уште на самото место. Поради интервенцијата, сообраќајот во двете насоки бил целосно запрен, што предизвикало големи метежи во утринскиот шпиц. Подоцна, откако оштетените возила биле отстранети, патот повторно бил отворен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата