Четворица медицински техничари осомничени за убиство

ФОТОГАЛЕРИЈА | ХОРОР ВО ПСИХИЈАТРИСКА БОЛНИЦА ВО ЗАГРЕБ: 32-годишник починал откако наводно го врзувале, тепале и гушеле со перници

Vecer | 11.11.2026

ФОТОГАЛЕРИЈА | ХОРОР ВО ПСИХИЈАТРИСКА БОЛНИЦА ВО ЗАГРЕБ: 32-годишник починал откако наводно го врзувале, тепале и гушеле со перници
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Хрватската јавност е потресена од смртта на 32-годишниот поранешен атлетичар Кристијан Јосип Периш, кој починал во психијатриска болница во Загреб, откако, според сомнежите на истражителите, бил изложен на прекумерна физичка сила од медицинскиот персонал. Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство, а вознемирувачките снимки од надзорните камери откриваат детали за случувањата пред неговата смрт.

Периш починал на 21 октомври во психијатриската клиника „Свети Иван“, во загрепската населба Јанкомир, каде што бил примен поради психички тешкотии. Според информациите на хрватските медиуми, вработените тврделе дека бил вознемирен и агресивен, поради што интервенирале повеќе медицински техничари за физички да го совладаат.

Меѓутоа, снимките од болничкиот видеонадзор, до кои дошол „Јутарњи лист“, покажуваат исклучително вознемирувачки сцени. Според медиумот, Периш бил врзан за болнички кревет со ремени на рацете, нозете и телото, додека неколкумина вработени го притискале.

На снимките се гледа како медицински техничари му ставаат перница врз главата и ја притискаат со колена, додека други го држат за рацете и нозете. Според објавените информации, притискањето со перницата траело повеќе од осум минути.

На дел од снимките, како што пренесуваат хрватските медиуми, се забележуваат и удари со тупаници, како и притискање на градниот кош и вратот на пациентот. Во просторијата во одредени моменти имало и десетина лица, меѓу кои медицински сестри и лекарка.

Според „Јутарњи лист“, физичкото совладување продолжило и откако Периш престанал да се движи. Потоа била започната реанимација, но медицинскиот персонал не успеал да му го спаси животот.

Обдукцијата открила скршени ребра и градна коска, бројни модринки, гребнатини и отоци на мозокот и белите дробови. На телото биле забележани и траги од убоди со медицински игли. Сепак, конечната причина за смртта сè уште не е утврдена и се очекуваат дополнителни судско-медицински и токсиколошки анализи.

На семејството првично му било соопштено дека Кристијан починал од срцев застој. Меѓутоа, кога неговите блиски го виделе телото и ги забележале повредите на главата и вратот, се посомневале во објаснувањето на болницата.

Семејството поднело кривична пријава уште на 23 октомври, само два дена по смртта. Според „Индекс“, полицијата ги презела снимките од видеонадзорот дури на 6 ноември, речиси две недели по пријавата.

Директорката на болницата, Мајда Грах, ги прегледала снимките на 4 ноември, а следниот ден го пријавила случајот во полиција.

Четворицата осомничени медицински техничари се приведени и им е одреден едномесечен истражен притвор. Сите добиле вонредни откази од болницата.

Кристијан Јосип Периш бил поранешен атлетичар, дипломиран кинезиолог и долгогодишен тренер во спортот борење со раце. На пошироката јавност ѝ бил познат и по учеството во хрватското музичко шоу „Суперстар“.

Неговото семејство бара целосно расветлување на случајот и одговорност за сите што учествувале во настаните што му претходеле на неговата смрт.

Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат кои дејствија непосредно довеле до смртта на 32-годишниот спортист и дали постои дополнителна одговорност кај други вработени во здравствената установа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk