САЈБЕР-НАПАД УНИШТИ ОГРОМНИ КОЛИЧИНИ ХРАНА ВО ЕВРОПСКИТЕ МАРКЕТИ

Vecer | 02.11.2026

САЈБЕР-НАПАД УНИШТИ ОГРОМНИ КОЛИЧИНИ ХРАНА ВО ЕВРОПСКИТЕ МАРКЕТИ

ИТ-инцидент што се случи преку ноќ ги погоди фрижидерите и замрзнувачите во десетици продавници низ Белгија и Луксембург, објавија во понеделник малопродажните синџири „Ахолд Делхајз“ и „Колрујт“; шведските трговци на мало со прехранбени производи „ИКА“ и „Кооп“ исто така регистрираа сличен пораст на температурите.

Една од продавниците посочи дека инцидентот бил сајбер-напад.

Овие инциденти следат по нападот во Франција минатиот месец, во кој ‒ според полицијата ‒ хакерите ја презедоа контролата врз ладилните единици во стотици супермаркети, зголемувајќи ги температурите за дури 50 степени Целзиусови, што доведе до пожари и расипување на храната.

Минатиот месец, „Ахолд“ исто така пријави сајбер-инцидент до холандската полиција откако откри сомнителна активност во рамките на својата инфраструктура.

Истражување на случајот

Сара Де Мистер, портпаролка на синџирот супермаркети „Делхајз“, изјави дека во понеделник е забележано зголемување на температурата во рамките на системите за ладење. Компанијата моментално го истражува инцидентот.

Стефан Моланс, директор на белгиската компанија за ладење „Сабкобел“ ‒ која управува со системи за „Делхајз“ ‒ изјави за новинската агенција „Белга“ дека станува збор за сајбер-напад во кој испарувачите на единиците биле префрлени во режим на одмрзнување. Кога Ројтерс го праша за коментар, канцеларијата на Моеланс одби да разговара за случајот.

Портпаролот на групацијата „Колрујт“, која управува со продавниците на „Спар“ во Белгија, изјави дека системите за ладење биле цел на пет од нивните продавници. Од фрижидери и системи за греење до безбедносни камери и алармни мрежи, сè поголем број уреди ‒ порано првенствено механички ‒ сега можат да се следат и контролираат од далечина, создавајќи нови можности за сајбер-криминал.

Властите не понудија никакви теории за тоа кој би можел да стои зад инцидентите од минатиот месец. Никој не ја презеде одговорноста за нападите.

Погодени се и продавници во Шведска и Естонија

Џон Билоу, раководител на шведскиот национален центар за сајбер-безбедност, за Ројтерс изјави дека работат на неколку инциденти поврзани со системи за ладење во продавниците за храна низ Шведска.

Продавница што му припаѓа на шведскиот синџир ICA објави на социјалните мрежи дека нејзините фрижидери и замрзнувачи биле „хакнати“ преку ноќ, при што нивните температури биле поставени на 50 степени Целзиусови. Подоцна беше забележано дека продавницата во меѓувреме е повторно отворена за работа.

Во продавницата „ICA Baronen“ во Стокхолм стоеше известување дека сите замрзнувачи во објектот престанале да работат поради сајбер-напад. Менаџерот за продажба во продавницата изјави дека нападот се случил во 02:00 часот по полноќ, а бил откриен во 05:30 часот наутро.

„Свесни сме дека голем број продавници беа погодени од инцидент во текот на ноќта, што влијаеше врз нивните системи за ладење и замрзнување“, наведе во е-порака портпарол на приватната компанија „ICA“. Синџирот маркети „Coop“, кој исто така е во приватна сопственост, за шведскиот дневен весник „Aftonbladet“ изјави дека шест нивни продавници биле погодени од слични инциденти. Тие не одговорија веднаш на барањето за коментар.

„Во текот на изминатите недели... идентификувавме значителен број уреди од оперативната технологија во Шведска кои се изложени на ризик ‒ уреди за кои јасно посочивме дека треба да се ажурираат или да им се инсталираат безбедносни закрпи“, изјави Билоу.

Погоден бил и еден естонски синџир супермаркети, при што температурите биле подесени на 50 степени, изјави за јавниот сервис ERR добавувачот на технологија „Kitman Coldtech“.

„Ова се случи неодамна, утрово“, изјави за ERR Јан Мутсо, извршен директор на „Kitman“. Тој одби да го открие името на погодениот трговски синџир.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk