Премиерот Христијан Мицкоски порача дека при креирањето на државните политики неопходно е внимателно да се следат случувањата во соседството и пошироко во Европската Унија, особено во светлината на актуелните политички промени и растот на евроскептичните структури.
Според него, Европа се соочува со сериозни политички пресврти – од неуспешниот референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, преку изборните резултати во германските покраини каде што победуваат немејнстрим и антимигрантски партии кои се против проширувањето, па сè до претстојните претседателски избори во Франција на пролет.
– Кога правите план каква политика да водите треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство. Тоа е ЕУ. Имаме неуспешен референдум во Исланд, за рестартирање на преговорите со ЕУ, имаме три изборни циклуси во Германија, во покраини, кадешто гледаме дека, би рекол, екстремни политички структури победуваат, односно структури коишто не се ‘мејнстрим’. Сите се тие антимигрантски и против проширувањето на ЕУ, истакна премиерот.
Тој се осврна и на проекциите за француската политичка сцена, нагласувајќи дека според актуелните мерења, Марин Ле Пен е фаворит на претстојните избори.
– На пролет имаме претседателски избори во Франција. Според последните мерења, таму е фаворит Марин ле Пен и бројките велат дека ќе биде новиот претседател на Франција, барем како што денес стојат работите. Така што ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи. Ние нашата домашна задача ќе ја работиме, другото не е на нас, порача Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата