Инвестициите во патната и железничката мрежа на коридорите 8 и 10 се реализираат забрзано, Македонија бележи раст на економијата, цената на горивото е убедливо најниска не само во целиот регион туку во цела Европа.
Владата продолжува да го стимулира извозот зашто тоа е прв приоритет за домашната економија, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Форумот за глобална трговија и раст 2026 што го организира Швајцарската комора на Македонија.
Како што истакна Николоски, извозот е приоритет зашто доколку се ограничиме само на домашниот пазар, тогаш би биле далеку и од ова ниво на економски раст што го имаме сега.
– Извозот е број еден приоритет за домашната економија, нешто што многу го стимулираме, го поддржуваме како Влада. Драго ми е дека расте, драго ми е дека странските компании што имаат инвестирано, продолжуваат да растат. Исто така, доаѓаат и нови компании кои сакаат да инвестираат, но она што ми е исто посебно драго е што домашните компании сè повеќе излегуваат на странскиот пазар. Очекувам далеку повеќе да растеме во следниот период, потенцира Николоски.
Според него, цената на железничките услуги, што ги даваат Македонски железници Транспорт, исто така се најевтини и најконкурентни во регионот.
-Мислам дека наша задача во следниот период ќе биде да ги одржиме овие цени, имајќи ги предвид глобалните предизвици, рече Николоски.
Владата, додаде, останува силно посветена на поддршка на домашните, но и на странските компании.
Николоски укажа дека дополнително треба да се работи на стандардизација, за да се подигне нивното на конкуретност на странските пазари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата