Поранешниот функционер на СДСМ, Васко Кичевски, упати остри критики кон актуелното раководство на партијата, предводено од Венко Филипче, оценувајќи дека токму СДСМ ја пропуштил историската можност да го промени системот во Македонија. Осврнувајќи се на случувањата во Србија, Кичевски предупредува дека граѓанската енергија може повторно да биде злоупотребена за лични и партиски интереси.
„Прво, смешните изјави на Венко и групата ботови околу него, кои очигледно сè уште не сфаќаат дека начинот на кој ја водат политиката е токму она против кое се бореа студентите во Србија“, напиша Кичевски.
Тој потсетува на периодот кога СДСМ дојде на власт по масовните граѓански протести во Македонија, оценувајќи дека тогашната политичка гарнитура не успеала да ја искористи поддршката за вистински системски промени.
„Ние таа шанса веќе ја имавме и ја прокоцкавме. Не успеавме да го ставиме јавниот интерес пред личниот. Не успеавме да ја искористиме огромната енергија на граѓаните за вистинска промена на системот“, наведува Кичевски.
Според него, граѓаните нема да заборават кој ја злоупотребил власта и кој ја изневерил надежта за промени. Тој смета дека македонското искуство треба да биде предупредување за Србија, каде што, според неговата оценка, постои ризик граѓанското движење да заврши со исто разочарување.
Кичевски изразува надеж дека случувањата во Србија ќе покажат дека е можна вистинска системска промена, што би можело повторно да ја охрабри и македонската јавност.
Тој смета дека со повторувањето на истите грешки се отвора простор за ново граѓанско движење, но предупредува дека евентуалната нова шанса не смее повторно да им биде доверена на политичарите кои, според него, ја изневериле претходната.
„Но, овој пат не смееме да им ја довериме таа шанса на истите актери кои ја упропастија првата историска можност“, порачува Кичевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата