Новинарката на телевизијата Алфа, која ја водеше емисијата „Под лупа“ постапуваше согласно професионалните новинарски стандарди, информира денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши увид во емисијата во која Петар Богојески, претседател на партијата „Македонски Концепт“ изјави дека на жените им е потребна „машка контрола“.

Од АВМУ (Агенција за медиуми) велат дека новинарката поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала нивно дополнително образложение.
„Агенцијата укажува дека секој учесник во јавна дебата, особено јавна личност, сноси лична одговорност за јавно изнесените ставови и пораките што ги упатува до граѓаните. Од друга страна, улогата на професионалното новинарство е да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува изнесените тврдења, со цел јавноста да добие релевантни информации и самостојно да формира мислење“, велат од АВМУ.
Истовремено, Агенцијата ги осудува ставовите на Петар Богојески со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности.
„Ваквите пораки се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство. Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи“, велат од АВМУ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата