ФИЛИПЧЕ ШИРИ ПАНИКА КАКО КИРЕ НАУМОВ, писмата ја чинеа Македонија 30 милиони евра

Vecer | 02.11.2026

ФИЛИПЧЕ ШИРИ ПАНИКА КАКО КИРЕ НАУМОВ, писмата ја чинеа Македонија 30 милиони евра

Писмата што поранешниот функционер на СДСМ Кире Наумов ги испраќал до странски банки и меѓународни финансиски институции ја чинеле Македонија 30 милиони евра поради повисоките камати на државното задолжување, тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов. Тој го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека денеска користи слична тактика со предупредувањата за финансиската состојба на државата.

Пренџов, во гостување во живо во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа, се наврати на случувањата од 2015 и 2016 година, кога во Македонија функционирала техничка влада и се подготвувало ново задолжување.

– Во 2015 и 2016 година, кога имаше техничка влада, кога требаше да се подигне определен кредит, тогаш СДСМ преку Кире Наумов пишуваше писма до секоја една банка, финансиска институција, меѓународен фонд, во коишто им велеше дека владата ќе крахира, како сега што велат, дека пензии ќе нема, како што сега велат, и дека тие луѓе што на Македонија ќе ѝ дадат кредит во тој период, можеби тие пари нема да им бидат вратени – изјави Пренџов.

Според него, државата сепак успеала да обезбеди кредит, но со значително повисока каматна стапка, за што одговорноста ја припишува на тогашните постапки на Наумов.

– Писмата на Кире Наумов, пишувани до меѓународните институции, овој народ го чинат 30 милиони евра – рече Пренџов.

Пратеникот го критикуваше и тогашното обвинителство, сметајќи дека требало да ги испита околностите под кои државата се задолжила.

– Тогаш обвинител беше Јовески. Наместо да го викне и да видиме зошто тие 30 милиони евра сме ги платиле како народ, а притоа тој кредит е вратен целосно, финансиран од државата, тој стана директор на некоја банка во Македонија – изјави Пренџов.

Тој смета дека отсуството на одговорност за постапките од минатото овозможува повторување на слични политички ситуации.

– Кога немате соодветно обвинителство и кога некој во минатото не е казнет за слично вакво дело, тоа слично дело ќе ни се повторува, бидејќи финансиската стабилност на државата, монетарната политика, курсот на денарот и банкарскиот систем се дел од националната безбедност на Македонија – нагласи пратеникот.

Пренџов побара обвинителството посериозно да се занимава со прашањата што, според него, можат да ја загрозат финансиската стабилност.

– Да се занимаваа сериозно со Кире Наумов, сега немаше да ја имаме оваа паника што ни ја прави Венко Филипче – рече тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk