logo
logo
logo

ЗА ДЕСЕТ ГОДИНИ СМЕ ИЗЕЛЕ 8 МИЛИЈАРДИ ЕВРА УВЕЗЕНА ХРАНА!!! А колку храна сме продале надвор?

Vecer | 14.09.2026

ЗА ДЕСЕТ ГОДИНИ СМЕ ИЗЕЛЕ 8 МИЛИЈАРДИ ЕВРА УВЕЗЕНА ХРАНА!!! А колку храна сме продале надвор?

Македонија важеше за земјоделска земја. Земјоделието сè уште има значајно место во извозот, но домашната побарувачка на храна во голема мера е зависна од увозот. Низ годините многу пари се дадоа за субвенции на земјоделците, но земјоделската слика не се подобрува. Се празнат селата, остануваат земјоделски производи на нивите и секоја година, без разлика кој е на власт, се соочуваме армија од незадоволни земјоделци.

Секако, не може да се занемари фактот дека низ годините се зајакнуваше конзервната индустрија, па сега гледаме низа конзервни капацитети што произведуваат ајвар и друга зимница. Се изградија и многу мали винарници. Но, сè уште имаме многу неискористени можности, а она што особено недостига како домашен производ на нашата трпеза се производи од сточарството. Јунешко месо од домашни производители речиси нема, свинското производство не е доволно, месната индустрија увезува месо за салами, со домашно производство не може целосно да се задоволат потребите за млеко, намази и други производи. Се увезува и брашно и масло за јадење.

Порталот Пари со помош на податоците од Државниот завод за статистика направи анализа: Kолку пари сме потрошиле изминатава деценија за увоз на храна? Секако, се анализира и извозот.

Математиката кажува дека за 10 години за увоз на храна дадени се речиси 8 милијарди евра, а истовремено извозот изнесувал 3,2 милијарди евра. Изразено во количини тоа се безмалку 6,2 милијарди килограми увезена храна и 1,9 милијарди килограми извезена храна.

УВОЗОТ НА ХРАНА РАСТЕЛ ПОВЕЌЕ ОД ИЗВОЗОТ

Во 2015 година за увоз на прехранбени производи сме платиле околу 513,5 милиони евра, а во 2025 година над една милијарда. Изразено во проценти увозот се зголемил за 105,8 насто.

Од друга страна, во 2025 година сме извезле прехранбени производи за околу 414 милиони евра, а 10 години пред тоа за 227,6 милиони евра. Или, за една деценија сме „освоиле“ раст за 82 насто.

Бројките јасно кажуваат дека увозот расте со поголема динамика од извозот.

Државниот завод за статистика деновиве ги објави најновите податоци за трговската размена. Во периодот јануари – јули извозот на прехранбени производи бил 243,7 милиони евра, а увозот 613,5 милиони евра. Во количини, во првите 7 месеци од годинава се извезени 99,8 милиони килограми прехранбени производи, а се увезени 349,3 милиони килограми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk