МАКЕДОНИЈА НА ЕДЕН КЛИК - Неверојатна апликација за промоција на државата

Vecer | 05.11.2026

МАКЕДОНИЈА НА ЕДЕН КЛИК - Неверојатна апликација за промоција на државата

Дигиталната туристичка платформа „Македонија 360“ (Macedonia360.mk), која овозможува виртуелно истражување на природното, културното и историското наследство на земјава преку 360-степени панорами, виртуелни прошетки и видеосодржини, денеска ќе биде свечено промовирана во Музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје.

Платформата претставува национална интерактивна дигитална мапа со повеќе од 500 локации и над 10.000 панорами, организирани во категории како населени места, природни знаменитости, археолошки локалитети, музеи, верски објекти, авантуристички дестинации, угостителски и туристички капацитети, како и мали агропроизводители.

Проектот е реализиран од Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, преку Конкурсот за проекти од областа на креативните и културните индустрии за 2026 година.

Macedonia360.mk претставува технолошки надградена и проширена верзија на проектот MacedoniaFromAbove.mk, кој беше јавно промовиран во мај 2019 година. Развојот започна во 2015 година со снимање воздушни панорами, а од 2017 година продолжи и со снимање 360-степени панорами од земја.

Како посебна новина, во рамките на проектот за првпат се мапираат и големите православни крстови поставени на планини, ридови и други истакнати локации низ земјава.

Платформата содржи и 360-степени виртуелни презентации на Музејот на Македонската борба за самостојност и Археолошкиот музеј на Македонија, збогатени со аудионарација на македонски и англиски јазик, преку кои посетителите можат виртуелно да се движат низ музејските простории и да се запознаат со историските содржини.

Една од можностите е и споредување на изгледот на истите локации во различни временски периоди и сезони. Така, за Преспанското Езеро се достапни 360-степени панорами од 2020, 2025 и 2026 година, кои овозможуваат визуелен увид во промените на нивото на водата и изгледот на крајбрежјето. Платформата нуди и споредбени прикази на одредени локации во летни и зимски услови, како и во дневни и ноќни периоди.

На промоцијата ќе се обратат директорката на Музејот на Македонската борба за самостојност Анче Илиевска, авторот на проектот Бојан Тренчевски, експертот за одржлив туризам, развој на туристички дестинации и управување со проекти Александар Богоевски и професорот на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет Благоја Марковски.

Во рамките на настанот ќе биде организиран и мал саем на кој ќе се претстават дваесетина мали агропроизводители.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk