Во Општина Илинден во тек е масовна акција за чистење на речните корита и одводната каналска мрежа, со цел трајна превенција од поплави и осигурување на непречен проток на атмосферските води. Локалната самоуправа информира дека досега се успешно исчистени вкупно 26,8 километри канали и корита.
Во рамките на изминатите активности, извршено е машинско чистење на главниот одводен канал кој минува низ центарот на населените места Илинден и Марино во должина од 5.000 метри. Исто така, исчистен е и ободниот канал на потегот од локалната индустриска зона Карагач кон Меѓународниот аеродром Скопје, во должина од 3.800 метри.
Од Општината најавуваат дека градежните активности продолжуваат со интензивно темпо и во наредниот период. Планирано е чистење на дополнителни 4.000 метри од коритото на Сува Река на потегот меѓу Миладиновци и Бујковци, како и нови 1.000 метри на релацијата Текија – Дељадровци.
– Со оглед на високото ниво на подземни води, редовното одржување на каналската мрежа овозможува непречен проток на атмосферските води, превенција од појава на поплави и зачувување на чиста и здрава животна средина, истакна градоначалникот Александар Георгиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата