ЕФА СО ОСТРИ ОБВИНУВАЊА КОН ГРЦИЈА: Македонското и турското малцинство под притисок – се бара реакција од ЕУ

Vecer | 04.11.2026

ЕФА СО ОСТРИ ОБВИНУВАЊА КОН ГРЦИЈА: Македонското и турското малцинство под притисок – се бара реакција од ЕУ

Европската слободна алијанса (ЕФА) упати остри критики кон Грција, обвинувајќи ги тамошните власти за систематско ограничување на правата на македонското и турското малцинство преку заплашување, судски постапки и попречување на културните активности.

Работната група за јазични и малцински права на организацијата наведува дека во Леринскиот округ биле попречувани традиционални фестивали на кои се пеат песни и се играат ора на македонски јазик. Како примери се посочуваат прекинати културни настани во повеќе села, како и кривични пријави против припадници на македонската заедница.

Во соопштението се споменува и тужба од грчки адвокат против 15 припадници на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков“ и Партијата на пријателството, еднаквоста и мирот (ДЕБ), која го претставува турското малцинство.

ЕФА посочува и на случајот во џамијата „Чинар“ во Ксанти од октомври 2024 година, по кој четворица претставници на турското малцинство биле осудени на по 17 месеци затвор во јуни 2026 година. Организацијата изразува загриженост и поради назначувањето на муфтии од страна на грчките власти без согласност на припадниците на турската заедница.

Дополнително, се критикува неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Меѓу посочените случаи се предметот „Дом на македонската култура и други против Грција“, чие спроведување се чека повеќе од една деценија, и групата предмети „Бекир Уста“, поврзани со турски здруженија, чии пресуди не се спроведени 18 години.

Работната група потсетува и дека во јуни 2026 година Европскиот суд за човекови права одлучил во корист на „Турското културно здружение на жените од Ксанти“, утврдувајќи повреда на Европската конвенција за човекови права. Сепак, грчкиот Апелациски суд потоа го одбил барањето за спроведување на пресудата и регистрација на здружението.

Поради овие случаи, ЕФА ги повика Обединетите нации, Советот на Европа и институциите на Европската Унија да извршат притисок врз Грција, да побараат спроведување на пресудите и да обезбедат услови за слободно работење на македонските и турските културни организации, како и заштита на малцинствата од говор на омраза.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk