Граѓаните кои во периодот од јули до септември скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ наскоро го очекуваат повратот на дел од платениот данок на додадена вредност.
Исплатата за третото тримесечје од 2026 година треба да се реализира најдоцна до 30 ноември. Сепак, Управата за јавни приходи (УЈП) засега нема официјално потврдено на кој датум ќе започне префрлањето на средствата.
Максималниот поврат за едно лице за ова тримесечје изнесува 2.100 денари, но конечната сума зависи од бројот и вредноста на прифатените фискални сметки, како и од пресметаниот ДДВ.
Според правилата на мерката, за купени македонски производи и услуги се враќаат 20 проценти од пресметаниот ДДВ, додека за останатите производи и услуги повратот изнесува 10 проценти. Доколку сите четири члена на едно семејство ја користат апликацијата и го остварат максималниот износ, заедно можат да добијат до 8.400 денари за едно тримесечје.
Пред исплатата, корисниците треба да проверат дали во апликацијата „МојДДВ“ имаат внесено точни и ажурирани податоци за трансакциската сметка. Ова е особено важно за оние кои во меѓувреме ја смениле банката или ја затвориле претходната сметка, бидејќи неточните податоци може да предизвикаат доцнење на исплатата.
Мерката „МојДДВ“ продолжува да се спроведува и во 2026 година, а според претходно објавените податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата