НОВ ЗАКОН ЗА ЛЕКОВИ ВО НАЈАВА - Носи големи промени

Vecer | 04.11.2026

НОВ ЗАКОН ЗА ЛЕКОВИ ВО НАЈАВА - Носи големи промени

Министерството за здравство подготвува нов закон за лекови со кој ќе се воведе обврска за навремено пријавување недостиг на терапија, ќе се предвидат резервни планови за обезбедување лекови и ќе се заострат мерките против фалсификување.

Новиот закон се подготвува во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), а вчера се одржа национална консултација на која учествуваа претставници на пациентите, фармацевтите, фармацевтската индустрија и лекарите.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, објасни дека постојниот закон е донесен во 2007 година и досега бил изменет повеќе од 20 пати, поради што се подготвува целосно ново законско решение.

Со него ќе се регулира само областа на лековите, додека медицинската опрема ќе биде опфатена со посебен закон. Во следната фаза се планира и фармацевтската, односно аптекарската дејност да се регулира со посебен закон.

Една од главните новини ќе биде воведувањето постапка за пријавување недостиг на лекови, како и изготвување резервни планови за случаите кога одредена терапија привремено или трајно нема да биде достапна. Ќе се воведе и нова постапка за пријавување несакани реакции од лековите.

„Најголем дел од недостигот на лекови е предвидлив, бидејќи производителите или добавувачите однапред знаат дека ќе има прекин или доцнење во производството и испораката. Затоа се потребни поголема дисциплина и навремено информирање. Обврската за пријавување ќе ја имаат носителите на одобренијата“, рече Клековски.

Тој посочи дека новиот закон ќе биде усогласен со европските прописи и со стандардите на Советот на Европа за справување со фалсификувани лекови. За првпат, фалсификувањето лекови ќе биде предвидено како кривично дело, што ќе бара измени и во Кривичниот законик.

Одговарајќи на прашање за недостигот на лекови во клиниките, вклучително и на Клиниката за онкологија, министерот рече дека со новото законско решение ќе се предвиди начин за пријавување на недостигот и за обезбедување заменска терапија или друг план за лекување.

Тој како пример го посочи лекот „декортин“, за кој во моментов има траен недостиг.

Клековски најави дека новото законско решение ќе ги поедностави и дел од постапките за регистрација на лекови и ќе овозможи подобро следење на нивната потрошувачка. Овие податоци се важни и за проценување колку средства се потребни за воведување нови терапии на позитивната листа. Според најавите на министерот, во 2027 година се очекува на листата да бидат вклучени нови лекови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk