Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е назначен за вршител на должноста виш јавен обвинител во Битола на местото на Пецо Везировски, кој е осомничен за Примање награда за противзаконито влијание.
Одлуката е донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 13 октомври, откако Основниот кривичен суд Скопје го известил Советот дека против Везировски е определена мерка на претпазливост со која му се забранува преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно активности на неговото работно место.
„Под точката разно, претседателот на Советот ги запозна другите членови со известувањето на Основниот кривичен суд Скопје дека против јавен обвинител е определена мерка на претпазливост – забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно работни активности на неговото работно место, поради што Советот донесе одлука да се стави надвор од сила одлуката со која јавниот обвинител е определен за в.д. виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола. Поради ваквата состојба, Советот одлучи да донесе одлука за назначување на јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола, Антонио Јолевски, за в.д. виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола“, соопшти Советот на јавните обвинители.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 7 октомври информираше дека е поведена постапка против виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.
Според соопштението од ОЈО ГОКК, преку повеќе дејства и примена на посебни истражни мерки се обезбедени докази дека тој ги искористил своето реално влијание и службената положба за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку 4 одделни предмети на подрачјето на кое ја вршел својата функција. Притоа ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата