За измените денеска немало координација на пратеничките групи. Иако законот е прва точка на утрешната седница, Гаши остави отворена можност пратениците прво да расправаат за ребалансот на буџетот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, смета дека партиите треба да седнат на разговор за измените на Законот за јавните набавки, за кои се поднесени 2 158 амандмани. Ако нема договор, Собранието ќе ги разгледа амандманите во роковите предвидени со Деловникот, вели Гаши во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Во овој случај, мислам ако има толку многу амандмани, ние сме парламентарна демократија, Собранието е место каде што се разговара, ќе треба да се најде начин да се дојде до решение“, вели Гаши.
Прашан дали веќе разговарал со координаторите на пратеничките групи, Гаши рече дека денеска, од објективни причини, немало координација и дека позициите на партиите се познати. Измените се прва точка на дневниот ред на утрешната пленарна седница, но на прашањето дали пратениците ќе почнат со нив или предност ќе добие ребалансот на буџетот, одговори:
„Ќе видиме, но обично кога е ребалансот во прашање, почнуваме со ребалансот“.
Во интервјуто Гаши беше прашан и дали забелешките од граѓанскиот сектор дека дел од измените ја намалуваат транспарентноста и отвораат простор за корупција се причина пратениците уште еднаш да го преиспитаат законот. Според него, суштината на измените е при изборот на најдобрата понуда, покрај цената, да се вреднува и квалитетот.
„Никој нема намера, најмалку мнозинството во овој случај да протнеме нешто“, рече Гаши, додавајќи дека ако дел од одредбите оставаат простор за сомнежите на кои укажува граѓанскиот сектор, за нив треба да се разговара.
Законот утре се враќа на трето читање откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за измените што Собранието ги усвои на 26 октомври. За неа е спорен членот 13, бидејќи остава можност за неограничен реизбор на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Владејачкото мнозинство со еден амандман предлага бришење на тој член. Најголем дел од преостанатите амандмани се поднесени од СДСМ.
Центарот за граѓански комуникации уште во септември писмено побара од Собранието да ја одложи расправата додека не се одржат јавни консултации, а од Антикорупциската комисија побара проверка на предложените измени. Покрај можноста за неограничен реизбор, Центарот го оспори и укинувањето на обврската институциите да побараат претходно мислење од Бирото за јавни набавки за одредени договори „во четири очи“. Според пресметката на Центарот, со подигањето на годишниот лимит од 12 000 на 25 000 евра по институција, вкупниот износ што институциите би можеле да го потрошат за набавки под законските прагови би пораснал од 18 на 37,5 милиони евра годишно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата