Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 75 дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската унија во Македонија (НКЕУ-МК), при што порача дека наместо декларативни заложби, во земјава е потребно вистинско и конкретно работење за имплементација на европските вредности и стандарди.
Обраќајќи им се на амбасадорите, европските претставници и експертите, Тошковски посочи дека е време Македонија со конкретни резултати и проекти да покаже дека е посветена на евроинтегративниот пат. Според него, секоја институција, организација и поединец треба да дадат личен пример во тој процес.
– Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говориме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности – порача Тошковски во своето обраќање на сесијата посветена на темата „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Македонија: Од „темелите“ и пошироко“.
Тој додаде дека сите, без разлика на сферата во која дејствуваат, треба со конкретни резултати и личен пример да покажат дека се залагаат за европските вредности.
– Да покажеме со конкретни резултати, со конкретни проекти, да покажеме со конкретни дела, со личен пример и да покажеме со пример во рамките на институцијата во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на невладината организација во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на обвинителството, да покажеме со личен пример во рамките на судството, да покажеме со личен пример во рамките на општините, да покажеме со личен пример во рамките на секоја една институција – порача Тошковски.
Министерот нагласи дека е добро да постои поддршка од сите релевантни чинители и да се соработува со нив, но напомена дека принципите на праведност и правичност што важат за другите треба да важат и за Македонија.
– Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за останатите, така да важат и за нас – рече Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата