Состојбата во Алта банка АД Битола и нејзиниот биланс се здрави и солидни. Капитализираноста на банката е околу 26%, значајно повеќе од законскиот минимум од 8% и значајно над стапката којашто би барала отварање стечај, тоа е под 2%. Ликвидноста на банката е висока. Квалитетот на кредитното портфолио е добар со учество на таканаречените лоши пласмани од само 2,9%. Мерката администрација треба да обезбеди задржување на оваа здрава позиција преку заштита на билансот и времено управување од страна на Централната банка сè до наоѓање нов сопственик на што Народната банка активно работи, рече денеска гувернерот Трајко Славески пред Комисијата за финансирање и буџет.
На надзорната расправа каде по премиерот Христијан Мицкоски, беше втор сведок, Славески напомена дека поради случувањата во Србија, на 1 ноември, во согласност со законските овластувања, извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за воведување на мерката администрација во Алта банка АД Битола.
-Оваа одлука беше изнудена, односно на никаков начин не е поврзана со тековната финансиска состојба и работењето на домашната банка. Одземањето на дозволата за работа на Алта банка Белград од страна на надлежниот регулатор ноќта помеѓу 30 и 31 октомври 2026 година, автоматски значеше дека сопственикот на нашата домашна банка повеќе не може да ја испорачува обврската што ја има. Затоа, уште следниот ден донесевме решение за одземање на согласноста на Алта банка Белград за стекнување акции во битолската Алта банка и секако одземено е правото на глас, информира Славески.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата