26-годишник од тетовско пријавил дека бил измамен за вкупно 6.800 евра при обид да купи автомобил преку германска интернет-страница за продажба на возила.
Според пријавата во МВР, на 26 октомври забележал оглас за автомобил „Ауди А5“, по што преку пријател кој престојува во Германија стапил во контакт со наводниот продавач, 46-годишниот Ј.Л. од Германија. Двајцата се договориле за купопродажна цена од 8.000 евра.
Купувачот најпрво уплатил 800 евра како капар, а откако добил фотографија од наводен договор за купопродажба, на 29 октомври преку банкарска сметка уплатил дополнителни 6.000 евра. Сомнежите за измама се појавиле кога ангажираната шлеп-служба пристигнала на адресата во Германија за да го преземе автомобилот, но утврдила дека лицето не живее таму и дека адресата е лажна.
Случајот бил пријавен во СВР на 10 ноември, а полицијата презема мерки за негово расчистување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата