Подгответе ги возилата навреме: ОД 15 НОЕМВРИ ЗАПОЧНУВА ОБВРСКАТА ЗА ЗИМСКА ОПРЕМА

Vecer | 02.11.2026

Подгответе ги возилата навреме: ОД 15 НОЕМВРИ ЗАПОЧНУВА ОБВРСКАТА ЗА ЗИМСКА ОПРЕМА

Од 15 ноември стапува на сила обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март следната година. Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека секој возач треба навреме да ги провери пневматиците и потребната опрема, бидејќи непочитувањето на правилата може да доведе до санкции, но и да ја загрози безбедноста во сообраќајот.

Обврската е регулирана со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, велосипедите и запрежните возила за безбедно учество во сообраќајот, како и на тракторите при извршување земјоделски и шумски работи.

За возилата со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, како задолжителна зимска опрема се признаваат две можности:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри.
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри, но со задолжително поседување синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Кај возилата со постојан погон на сите четири тркала (4x4), синџирите треба да бидат поставени најмалку за задната осовина, додека кај возилата со преклоплив погон — за постојано вклучената осовина.

За товарните возила и автобусите со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри. Алтернатива се летни пневматици на сите четири тркала со шара од најмалку 4 милиметри, но само доколку возилото има соодветни синџири за снег или други помагала. Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала, мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат — лопата.

Според МВР, за зимски пневматици се сметаат оние на чија странична страна се наоѓаат ознаките „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симболот на снегулка во стилизирана планина со три врва. Дополнително, со важечкиот правилник е забрането користење пневматици со клинци во патниот сообраќај.

Од МВР апелираат возачите да не чекаат до последен момент, туку навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема и да ги почитуваат законските правила за побезбедно учество во сообраќајот во зимски услови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk