Тешки обвинувања во Прифатниот центар за странци: ПОЛИЦАЈКА ОСОМНИЧЕНА ЗА КРАЖБА, ШЕФ НА СМЕНА ЗА СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Vecer | 02.11.2026

Тешки обвинувања во Прифатниот центар за странци: ПОЛИЦАЈКА ОСОМНИЧЕНА ЗА КРАЖБА, ШЕФ НА СМЕНА ЗА СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Полицајка од Прифатниот центар за странци е осомничена дека од чанта на привремено задржана жена одзела златен и сребрен прстен и 3.000 денари, додека против раководител на смена во истиот центар е поднесена кривична пријава поради сомнение за полово вознемирување на жената.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава до ОЈО ГОКК – Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Како што соопшти МВР, кривична пријава за „тешка кражба“ е поднесена против Б.Д., полицајка во Прифатниот центар за странци при РЦ за ГР Север.

Според информациите на Министерството, случајот се случил на 28 септември 2026 година, за време на посета на мајката на привремено задржаната жена во Прифатниот центар за странци.

Полицајката, како што се сомнева МВР, при преглед на чантата на задржаната жена пронашла и одзела еден златен и еден сребрен прстен, како и 3.000 денари.

Кривична пријава за „полово вознемирување“ е поднесена и против Б.М., раководител на смена во Прифатниот центар за странци при РЦ за ГР Север.

Од МВР наведуваат дека на 30 септември 2026 година, додека ги извршувал своите работни задачи, Б.М. влегол во просторијата во која била сместена привремено задржаната жена.

Според соопштението, тој со вербално и физичко дејствување, како и преку користење електронски средства за комуникација, изразувал сексуална страст и преземал други дејствија што јасно асоцирале на сексуален однос.

Со таквото однесување, според МВР, било повредено достоинството на оштетената, кај која биле предизвикани чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв.

МВР посочува дека жената во тој момент се наоѓала во состојба на подреденост.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност против Б.Д. и Б.М.

„Ќе биде поднесен предлог за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, односно за нивна суспензија“, соопштија од МВР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk