Царинските службеници од денеска користат телесни камери. Системот на телесни камери за царинските службеници, обезбеден преку Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамките на кривичниот оддел при Министерството за правда на САД, денеска официјално беше промовиран на граничниот премин Табановце.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски и вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Македонија, Никол Варнс на граничниот премин Табановце го означија воведувањето на системот на телесни камери како дел од активностите насочени кон зајакнување на транспарентноста, интегритетот и професионалните стандарди во работата на царинските службеници. Телесните камери во оваа фаза ќе се користат на гранични премини Табановце, Ќафасан и Блаце.

Проектот, рече Николовски, е чекор во модернизацијата и е нов стандард во работењето, што обезбедува професионалност, транспарентност одговорност и безбедност
– Со обезбедените 30 телесни камери заедно со целокупниот систем на инфраструктура и со спроведените обуки за корисници, супервизори администратори и обучувачи ние не добиваме само технологија, ние добивме систем кој треба да даде конкурентни резултати во секојдневното работење – рече Николовски.

Директорот на Царинската управа додаде дека камерите ќе служат да го заштитат и граѓанинот и службеникот.
– Напомнувам ова е заштита за двете страни во постапката. Камерите ќе го забележат секое можно несоодветно однесување од царинскиот службеник, но исто така ќе го забележат и односот од страна на патниците, превозниците и економските оператори – рече Николовски.
Тој нагласи дека Царинската управа има определба дека нема место за корупција и злоупотреба на службените овластувања, а користењето на опремата ќе придонесе да се создаде средина во која ќе се спречуваат неправилности и злоупотреби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата